Средба Пендаровски-Мишел    Фото: АА

„Прифаќањето на францускиот предлог е клуч за отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Европската Унија и надминување на бугарското вето“, сметаат претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Мишел и Пендаровски имаа средба за време на еднодневната посета во Северна Македонија.

На средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Северна Македонија, за предизвиците во однос на европските перспективи на земјава и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Двајцата немаа заедничка прес-конференција. Од Кабинетот на претседателот преку соопштение известија дека претседателот Пендаровски ја поздравил посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија.

Информираа дека зборувале за текот на широкиот консултативен процес кој се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата по тоа прашање.

„Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на земјата. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан“, соопштија од претседателскиот кабинет.

Соговорниците размениле мислења во контекст на загриженоста која постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцирал дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ.

AA
Популарни