Според директорот на ТИРЗ Деспотовски, потпишувањето на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можат да се остварат големи резултати / Photo: МИА

Тајванската компанија „Јагео" ќе инвестира 250 милиони евра во Северна Македонија. Договорот за инвестицијата која треба да отвори околу 4.000 нови вработувања, денеска во Тајпеј го потпишаа директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски и менаџментот на конзорциумот „Јагео".

Тајванската компанија ќе произведува резервни делови и компоненти за автомобилската индустрија и за зелена енергија. Производствените погони ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје и во ТИРЗ Штип. Како што беше речено пред потпишувањето на Договорот, изградбата на првиот капацитет ќе почне во јули годинава, во ТИРЗ Скопје . Предвидено е и, генерално, да се ангажираат наши, локални добавувачи.

Преговорите за инвестицијата траеле речиси една година, а Северна Македонија е избрана како најдобра во трката со останатите од регионот и пошироко.

“Со Северна Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција. Увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно”, изјави извршниот директор на „Јагео", Дејвид Ванг. Андреа Мејер, главен во оперативниот сегмент, напомена дека оваа досега најголемата гринфилд инвестиција во Северна Македонија, нема да значи вложување само во пари, бизнис и профит, туку и вложување во човечки капитал.

“Наши приоритети се воведување нова технологија и јакнење на кадарот, овозможување вработените да стекнат нови вештини и да се усовршат, подвлече Мејер.

Според директорот на ТИРЗ Деспотовски, потпишувањето на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можат да се остварат големи резултати.

“Процесот не беше воопшто лесен. Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како „Тесла" и „Епл", вели Деспотовски.

Според него, компаниите во зоните вработуваат близу 17 000 лица, а влезот на „Јагео" ќе значи 30 отсто плус работна сила од оваа бројка.

Честитки за инвестицијата упати и премиерот Ковачевски кој на прес-конференцијата се вклучи преку видео врска.

“Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, вредна милиони евра и нови над работни места. „Јагео" е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со вработени ширум светот”, рече Ковачевски.

TRT Balkan / агенции
Популарни