Во овие рамки свечено беше отворен првиот Центар за остеопороза во болницата / Фото: AA

Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) обезбеди медицинска опрема за болницата „8 Септември“ во Скопје, односно донираше остеодензитометар за Одделот за ендокринологија во оваа болница.

Во овие рамки свечено беше отворен првиот Центар за остеопороза во болницата.

На настанот присуствуваа министерот за здравство на Северна Македонија, Фатмир Меџити, претседателот на Одделот на ТИКА за Источна Европа и Балканот, Мухамед Унал, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, и директорот на болницата „8 Септември“, проф. д-р Христијан Костов.

Министерот Меџити истакна дека овој настан претставува чекор напред во посветеноста да се обезбеди сеопфатна здравствена заштита за граѓаните на Северна Македонија.

„Со воведувањето на овој остеодензитометар ќе се унапредат условите за дијагностицирањето и менаџирањето на остеопорозата. Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме во здравството е обезбедувањето навремен пристап до услугите за нашите пациенти. Остеодензитометарот ќе ни овозможи директно да се справиме со овој предизвик“, рече Унал, нагласувајќи дека сака да изрази благодарност за оваа важна донација од ТИКА.

Унал рече дека ТИКА од 2005 година реализира активности во Северна Македонија, нагласувајќи дека во овој период спроведени се 1.200 проекти и активности, од кои 30 се реализирани во областа на здравството.

„Денес сме среќни што овој уред, кој го поседуваат одредени приватни болници, го донираме за државна институција, односно државна болница. Тоа е важно и од аспект на зголемувањето на квалитетот на услугите за граѓаните и од аспект на тоа што повеќе граѓани на Северна Македонија ќе имаат корист од ова“, додаде Унал.

Директорот Костов истакна дека Центарот за остеопороза се состои од амбуланта во која е сместен апаратот остеодензитометар, кој е најнеопходен за дијагностицирање на болеста остеопороза.

„Од досегашното постоење на болницата, 50 години, ова е првпат во болницата да постои таков центар за остеопороза, односно дијагностичка процедура за мерење на густината на коскеното ткиво“, рече Костов.

Тој се заблагодари на ТИКА и на Туркије за подобрување на здравствениот систем и способностите во земјата.

AA
Популарни