И пред 32 години и сега на крстосница. И тогаш и сега идентични прашања. По кој пат, на кој начин и по која цена да се продолжи.
Ако во 1991 година за тогашната Република Македонија се наметнуваше дилемата дали да остане во претходната државна заедница или да продолжи самостојно, сегашната Република Северна Македонија е исправена пред предизвикот наречен уставни измени, како услов да се надева дека во иднина може да биде дел од големото европско семејство. И пред повеќе од три децении и денес главната пречка доаѓа од соседите.
Во продолжение пресек на најголемите премрежија кои претстојат, но и потстеување на оние од минатото.
Уставни измени, диктат или потреба
Откако во јуни и јули минатата година македонското и бугарското Собрание го прифатија таканаречениот француски предлог за компромис меѓу Скопје и Софија и измени во македонскиот Устав, како услов Северна Македонија да го продолжи европскиот пат, Северна Македонија е во статус кво ситуација во евроинтеграциите.
Власта уставните измени со кои и бугарите би биле составен дел од преамбулата на уставот ги наметнува како императив, шанса која не смее да се испушти и единствена гаранција за подобар стандард за граѓаните. Опозицијата се спротивставува со позиција дека се работи за бугарски диктат кој со себе не носи гаранции дека нема да се повтори во иднина. Власта ја нема потребната поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието, а опозицијата смета дека избори се излез од лавиринтот и оти понудената цена за отворање на поглавјата со Европската унија е превисока.
Брисел чека резултати, иако последните ветришта од седиштето на ЕУ не влеваат многу оптимизам кога е во прашање проширувањето.
Референдум за независност
Референдумот за независност и самостојност на 8 Септември 1991 година беше организизран во атмосфера на исчекувања, неизвесност и страв од развојот на настаните во поранешна Југославија, но и копнеж и желба за остварување на сонот на многу генерации за самостојна македонска држава.
На гласање излегоа 1.132.595 граѓани. Огромно мнозинство од нив 1.079.308 или 96,46 проценти гласаа ЗА самостојна Македонија, а ПРОТИВ беа 39.639 или 3,54 проценти. Претходно, на 25 јануари во собранието беше усвоена и Декларацијата за независност.
Тогашната Република Македонија успеа да ја напушти југословенската федерација без испукан куршум. Надвор од вртлогот на војните на поранешните ЈУ простори.
Грција не сакаше да ја признае новата држава
Иако народот ја донесе одлуката веднаш започнаа и проблемите. Јужниот сосед одби да ја признае новата држава. Се плашеше од наводни територијални претензии и не дозволуваше друга земја да има име како регионот во нејзини граници. Дури успеа и да ја издејствува Лисабонската декларација со која тогашната ЕЗ и наложи на новата држава во својот назив да го нема зборот Македонија. Следуваше и грчко ембарго и нафтена криза.
Сепак, декларацијата не заживеа и државата во 1993 стана членка на Обединетите нации под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Во 1995 беа нормализирани односите меѓу двете држави и беше потпишана времената спогодба според која Поранешната Југословенска Република Македонија меѓу другото го смени и државното знаме.
Атентат, воен конфликт, Рамковен договор, авионска несреќа
Истата 1995, на 3 октомври се случи и атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров. Мотивите и сторителот се уште не се познати. Атентатот врз првиот македонски претседател и еден од најзаслужните што земјата по мирен пат ја обезбеди својата самостојност внесе дополнителна тензија не само во Северна Македонија туку и во целиот регион.
2001 со сигурност ја смени траекторијата по која државата се движеше до тогаш. Повеќемесечниот оружен конфликт однесе многу животи, а заврши со потпишување на Рамковниот договор на 13 август. Со овој договор требаше да им се стави крај на меѓуетничките тензии.
Три години потоа, во 2004, во авионска несреќа кај Мостар загина претседателот Борис Трајковски. Во несреќата животот го загубија и двајца членови на екипажот и осум членови на кабинетот.
Грчко вето, Преспански договор, прием во НАТО
Иако со времената спогодба од 1995 Грција беше обврзана да не го попречува македонското членство во меѓународни организации, на самитот на НАТО во Букурешт одлучи да стави вето. Дури 20 години потоа членството во северноатлантската Алијанса стана реалност. Северна Македонија стана 30 членка на овој сојуз.
На приемот му претходеше потпишување на Преспанскиот договор според кој новото име на државата за домашна и меѓународна употреба е Северна Македонија. Со овој договор во 2019 се стави крај на спорот со Грција кој траеше повеќе од две и пол децении.
Референдум по Преспанскиот договор
Измените на уставот предвидени со договорот беа ставени на референдум со прашање “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција”?
На гласање излегоа 666.743 граѓани. Од нив 609.813 или 94,18 проценти гласаа ЗА додека 37.700 или 5,82 проценти беа ПРОТИВ. Сепак одлуката на референдумот не беше усвоена бидејќи не гласале минимум 50 проценти + 1 од регистрираните гласачи во избирачкиот список. Се премина на гласање во собранието. Измените на Уставот беа усвоени откако за нив гласаа 80 пратеници.
Упад во Собранието на 27 април
Настаните во собранието на 27 април 2017 година за жал во најлошо светло ја покажаа поделеноста во македонското општество. Случувањата тој ден во Парламентот се квалификуваат и како обид за државен удар. Сликите од тепачките, раскрвавените глави и она што потоа се случуваше не можат лесно да се заборават.
Спортските успеси причина за обединување
Спортот е една од работите која ги обединува граѓаните изминатите триесет и една година без разлика на нација и вера. Двојната европска круна на Вардар во ракомет, онаа Кометал Ѓорче Петров уште во 2002, пласманите на кошаркарите и ракометарите меѓу најдобрите пет во Европа, настапот на фудбалерите на ЕП, олимпиското сребро на Дејан Георгиевски во Токио беа примери преку кои спортистите им покажаа на политичарите како најдобро се претставува државата.