Туристите од Туркије се најбројни меѓу странските посетители кои во август допатувале во Северна Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика кои беа објавени денеска вкупниот број на туристи во Северна Македонија во август изнесува 190. 855. Од нив 60,9 отсто се домашни, а 39,1 отсто се странски туристи.
Меѓу странските туристи најбројни биле туристите од Туркије 11.017 по што следат оние од Србија 7.317, Полска 5.570, Романија 4.875, Германија 4.353, САД 2.347 , Грција 2.287 и други.
Езерата во Северна Македонија ги посетиле 129.616 туристи, а Скопје 36.442. На планинските места допатувале 7.923 туристи.
Хотелско сместување користеле 95.622, а куќи, станови за одмор и соби за издавање над 80.400.
Статистичките податоци покажуваат дека во периодот јануари – август годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 35,1 отсто, при што кај домашните има зголемување за четири проценти, а кај странските зголемувањето е за 87,8 отсто.
Во првите осум месеци од оваа година, споредено со истиот период лани, кај ноќевањата е евидентирано зголемување за 20,1 отсто, кај домашните туристи за 2,4 отсто, а кај странските за 78,3 отсто.