Туркије е меѓу најважните економски партнери на Северна Македонија     Фото: АА

Добри добрососедски односи, одлична економска соработка и подобро инфраструктурно поврзување помеѓу Северна Македонија и Туркије (Турција) беа дел од главните поенти на средбата во Истанбул помеѓу претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган.

На средбата, како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

30 години од воспоставувањето на дипломатските односи

„Заеднички беа констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи“, се вели во соопштението.

Премиерот Ковачевски на средбата со турскиот претседател Ердоган го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.

Пораст на трговската размена

Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка, информираат од владината прес-служба.

Трговската размена со Туркије е во постојан пораст и од 8-то место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде 6-тото место на листата најзначајни трговски партнери на Северна Македонија.

„На средбата беше потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Туркије во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции“, се вели во соопштението.

Премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, која од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.

„Северна Македонија и Туркије, потенцираа во меѓусебниот разговор Ковачевски и Ердоган, ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу Министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на Армијата на Северна Македонија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби“, се наведува во соопштението.

Меѓу другото, се додава и дека премиерот Ковачевски му упати покана на претседателот Ердоган да ја посети Северна Македонија, како продолжение на сите други посети на високо ниво и за охрабрување на бројните проекти што се преземени за дополнително унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Турција.

TRT Balkan
Популарни