Разрешените функционери и оние кои ќе поднесат оставка во иднина нема да имаат право на финансиски надоместок познат како апанажа. Ваква одлука денеска донесе Уставниот суд на Северна Македонија. Судот го укина членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани функционери со образложение дека е спротивен на владеењето на правото.
Уставниот суд смета дека функционерите кои се разрешени или поднеле оставка заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на функцијата не треба да добиваат паричен надоместок.
Уставните судии донесоа укинувачка, а не поништувачка одлука, односно на апанажа нема да имаат право сите функционери кои ќе бидат разрешени или ќе поднесат оставка откако оваа одлука на Уставниот суд ќе стапи во сила, односно по објавувањето во Службен весник. Одлуката не важи за оние кои претходно биле разрешени или поднеле оставка.
Оние функционери кои не биле разрешени и не поднеле оставка на функцијата можат да примаат финансиски надоместок по престанокот на функцијата во висина на нивната плата од три месеци до една година во зависност од тоа колку долго биле на таа функција.