Според првичното решение возачките дозволи со "Република Македонија" требаше да важат до 12 денеска во и надвод од државата / Photo: МИА

Македонското Собрание попладнево, со 90 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината. Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ наместо до вечерва на полноќ, се продолжува до 31 декември 2024.

Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.

Како што истакна истакна координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски, образложувајќи ги предложените измени, целта е изнаоѓање брзо решение во интерес на граѓаните и нивно ослободување од дополнителниот притисок околу вадењето на личните документи.

“Преку меѓусебен консензус, сите координатори на партиите дојдоа до заедничко решение, на оваа седница да предложат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка. Се работи за мали измени, односно одредбата во која стои 12 февруари 2024 (денес), се менуваа со 31 декември 2024 или до крајот на годината. Сметаме дека ова законско решение ќе овозможи намалување на долгите редици чекања. Со оглед на кратките рокови и непознаниците кај граѓаните, би апелирал до политичките субјекти во и надвор од Собраниоето, да не ја злоупотребуваат темата зашто во овој момент треба да се најде брзо решение за личните документи на граѓаните, нагласи Мицевски.

За збор, пред гласањето, се јавија пратениците Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците, Димитар Апасиев од Левица и Гордана Сиљановска-Давкова, независен пратеник. Иљаз укажа дека се прави дискриминација врз труската заедница која, објасни, за лични документи треба да аплицира на други јазици, а не на труски. Тој побара од надлежните институции да преземат иницијатива за итна набавка на пасоши на турски јазик и да ја исправат, како што рече, неправдата кон Турците во земјава. Апасиев оцени дека законските измени за возачките што сега се носат, се носат се изнудени и не претставуваат конечно решение. Според него, во декември ќе треба повторно да се носи ист ваков закон. Сиљановска-Давкова оцени дека и Грција и ЕУ го кршат Преспанскиот договор.

Според првичното решение, возачките дозволи со ознаката „Република Македонија“, од утре веќе немаше да важат, не само надвор, туку и во државата.

Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за измените на законот.

TRT Balkan / агенции
Популарни