Погребот на Јосип Броз Тито во 1980 година бил втор најследен настан во дваесетиoт век    Фото: AP

Погребите на големите национални и верски лидери често пати предизвикуваат огромно внимание. Милиони граѓани им оддаваат почит, а државните погребни церемонии се во фокусот и на светската јавност.

Во Велика Британија погребите со државни почести како погребот на Елизабета Втора главно се резервирани за монарсите. По исклучок државен погреб може да се одржи и за друга важна општествена личност. Последен таков пример во Велика Британија беше со поранешниот британски премиер Винстон Черчил во 1965 година.

За другите членови на кралското семејство и најголем дел од општествено важните личности се организираат церемонијални погреби. Разликата меѓу државните и церемонијалните погреби меѓу другото е во тоа што државниот погреб треба да го одобри монархот и Парламентот.

Во поновата историја, се паметат голем број погреби кои пред малите екрани или на улиците ги следела милионска публика. Таков е примерот со погребните церемонии за принцезата Дијана, Папата Јован Павле Втори, Јосип Броз Тито, Гамал Абдел Насер и многу други лидери.

Голем број луѓе низ историјата им оддавале почит и на писатели, спортисти, музички ѕвезди, како Виктор Иго, Аиртон Сена, Елвис Присли ...

Елизабета Втора барала државен погреб за Черчил

Токму кралицата Елизабета Втора била иницијатор за државниот погреб на поранешниот премиер на Велика Британија Винстон Черчил. Таа го побарала тоа со писмо до пратениците во британскиот Парламент.

Околу 320.000 луѓе во поворката долга три километри му оддале почит на Черчил. Проценките се дека во светски рамки, преку директен пренос, погребот бил проследен од 350 милиони луѓе.

Погребот траел четири дена, а неговото тело на барање на кралицата Елизабета Втора во Вестминстер било изложено три дена. Од таму телото преку реката Темза било однесено до станицата Ватерло со воени почести. Присуствуваале делагации од 120 држави.

2,5 милијарди луѓе го следеле преносот од погребот на принцезата Дијана

Една од најголемите погребни церемонии се одржа за принцезата Дијана во 1997 година. Проценките се дека околу 1 милион луѓе и оддале почит, а преносот го следеле 2,5 милијарди луѓе низ целиот свет. На погребот присуствуваа и три поранешни британски премиери Маргарет Тачер, Џејмс Калахан и Едвард Хит како и голем број познати лица од Холивуд и музички ѕвезди.

Погребот на Тито втор најгледан настан во 20 век

Погребот на Јосип Броз Тито во 1980 година бил втор најследен настан во дваесетиoт век, по слетувањето на мисијата Аполо на месечината во 1969 година. Посмртните останки на Тито со воз биле пренесени од Љубљана преку Загреб до Белград и три дена биле изложени во зградата на законодавниот дом на СФРЈ. Проценките се дека на маршалот почит му оддале околу 700.000 луѓе.

На погребот на Тито присуствувале 200 делегации од 128 земји. Погребот на Тито бил пренесуван во Југославија и уште 16 држави во светот.

Поворка долга 10 километри за Насер

Телевизиски пренос имало и за погребот на претседателот на Египет Гамал Абдел Насер кој бил на чело на земјата од 1954 година па се до смртта во 1970 година.

Насер останува икона во арапскиот свет, особено поради неговите чекори кон социјалната правда и арапското единство, неговите политики за модернизација и неговите антиимперијалистички напори. Проценките биле дека на погребот почит му оддале 5 милиони луѓе во колона долга 10 километри.

Египет памети уште еден погреб на кој присуствувале многу луѓе. Се работи за славната пејачка Ум Култум. Била активна од 1920 до 1970 година. Позната е под називот „Ѕвезда на истокот“.

Починала во 1975 година на 76 годишна возраст. На улиците за да и оддадат почит излегле 4 милиони луѓе.

Два милиони луѓе во поворката за Махатма Ганди

Махатма Ганди бил еден од основачите на современата индиска држава. Тој е еден од најзаслужните за независноста на Индија од Велика Британија. Поттикнал и многу движења за слободи и права низ светот.

Ганди бил убиен во Њу Делхи во 1948 година. Се проценува дека два милиони луѓе присуствувале на настанот на кој пепелта по кремирањето на Ганди била однесена до реката Ганг.

Милиони верници на погребот на Јован Павле Втори

Поглаварот на Римокатоличката црква Јован Павле Втори почина во 2005 година. Беше погребан во базиликата на црквата Свети Петар во Ватикан.

На неговиот погреб присуствувале 15 кралеви, кралици,принцови или војводи, 44 претседатели, 25 премиери и уште 125 други политички и верски водачи. Околу 4 милиони верници допатувале во Рим во деновите на погребот на Јован Павле Втори во Свети Петар.

Телото на Линколн пренесено во четири држави во САД

Иако се случило во време кога немало ниту телевизија, а со тоа ниту телевизиски преносе сепак се смета дека од поновата историја меѓу најголемите светски погреби е оној на поранешниот американски претседател Абрахам Ликнколн. На патот кон Илиноис поворката со неговото тело поминала низ повеќе држави во САД. Телото било положено во воз. Проценките од тоа време се дека за време на превезувањето на Линколн низ четири држави почит му оддале околу седум милиони луѓе. За Линколн бил изграден гроб од 54 метри.

Големо внимание предизвикал и погребот на американскиот претседател Џон Кенеди. Се проценува дека преносот од погребот го гледале 10 милиони луѓе.

Илјадници луѓе присуствувале и на погребот на Мартин Лутер Кинг голем борец за човекови права кој беше убиен во април 1968 година.

TRT Balkan
Популарни