Годишно во Северна Македонија се запленуваат над 100.000 парчиња петарди и пиротехника     Фото: / Photo: TRT Balkan

Забавите за Нова година со петарди често имаат и трагичен крај. Речиси секоја година во Северна Македонија има по најмалку десетина повредени, најчесто деца со изгореници и откинати прсти од пукањето петарди и пиротехника. Нивната употреба во последните години е намалена, но петарди и натаму може да се купат низ тезгите и од неформалните продавачи по цени кои се достапни за секого.

Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија во 2020 година имаше полни раце работа. Во само една акција успеа да заплени речиси 150.000 парчиња петарди и пиротехника или вкупно околу 200 илјади парчиња. Во текот на 2021 година биле запленети 120.000 петарди, а годинава според досегашните акции се запленети околу 100.000 петарди.

Кои се последиците од петардите?

Петардите и пиротехниката воопшто не се безгрижна играчка за деца. Новогодишните прослави со петарди носат многу опасности. Најчести последици од испукување петарди и пиротехники се повреди на рацете и откинати прсти, но и изгореници, оштетен вид и слух. Повредите може да бидат долготрајни и тешко да се санираат, што може да предизвика и траен инвалидитет кај настраданите.

Шок за животните

Од пукањето петарди страдаат птиците и особено домашните животни. Татнежите кај кучињата предизвикуваат паника и шокови. Траумите кај домашните миленици може да се надминат со внимателно и позитивно однесување на сопствениците, порачуваат ветеринарите. За жал секоја година голем број на миленици или бездомни животни умираат од срцеви удари како последици на звучните шокови.

Високи казни во регионот

Во сите земји од регионот употребата на петарди е казнива и нивната продажба и употреба за прослави е забранета. Највисоки се казните во Хрватска кои достигнуваат и до 10.000 евра за правни лица, додека граѓаните за физички лица достигнуваат 2.000 евра.

Во Северна Македонија минималната парична казна за неовластено пукање петарди е 200 до 500 евра. За тие кои нелегално пуштаат во промет големи количини распрснувачки материјали се закануваат казни затвор од три до десет години.

Во Босна и Херцеговина највисоката парична казна за нелегалната пиротехника изнесува 500 евра. Албанската полиција исто така спроведува обемна акција за запленување на петарди. Граѓаните кои незаконски ќе ги користат за прославите ќе бидат казнети со 600 евра, а родителите кои со малолетни деца пукаат петарди може да бидат казнети со глоба и до 800 евра.

Српските власти одредуваат парични казни од 400 до 800 евра, а може да се одреди и казна со исполнување на 40 до 120 часови општокорисна работа. Оваа казнена мерка се применува и за родителите на малолетни деца.

TRT Balkan
Популарни