Трикови со рокот на употреба: На што да внимавате     Фото; TRT Balkan

Потребно е да имате „четири очи“ отворени кога го проверувате рокот на употреба на производите, но како потрошувачи треба да бидете внимателни и со самата декларација. Покрај производи на кои рокот им истекува или се веќе со изминат рок на употреба, во локалните маркети, но и во супермаркетите може да се најдат и производи со „трикови“ во декларацијата, како прелепен нов рок на употреба, или избришан или избледен рок или пак декларација со други неточни информации како состав и тежина, со што потрошувачите освен што се доведени во заблуда, се и во опасност од можните последици.

Сигурно во маркет сте наишле на „производи на акција“ но, со трака залепени два или повеќе од нив токму врз делот каде е впишан рокот на употреба. Тоа не значи дека автоматски се расипани или штетни, но криењето на датумот, како и прелепувањето на декларацијата со изменета содржина не се дозволиви и непотребно го ставаат потрошувачот во опасност.

Трговците треба јасно да ги одвојат производите кои се со рок кој наскоро им истекува и да ја објаснат причината за намалената цена, но некогаш се прават пропусти, намерни или ненамерни.

За жал, ваквите лоши практики, најчесто од страна на поединечни трговци, не се новина, ниту пак изолирани случаи. Според македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), само во првите девет месеци од годинава пристигнати се над 400 жалби од потрошувачите. Од нив, 27 се пријави за производи со изминат рок, две се однесуваат за преправен рок на употреба, а три се за несоодветна декларација на производите.

Како резултат на пријавите, од АХВ велат дека уништиле десетици килограми небезбедни производи на месо, сувомеснати производи, пијалаци, преработен зеленчук, риба, јаткасти плодови и храна за домашни миленици.

Законски права на потрошувачот

Законот за безбедност на храна во голема мера ги штити и правата на потрошувачите, особено кога е во прашање почитувањето на рокот на употреба. Исто така со оваа регулатива се опфатени и обврските за производителите и продавачите.

„Операторите со храна согласно Законот за безбедност на храната и имплементираниот HACCP систем, имаат примарна одговорност на пазарот да пласираат безбедни производи. Тие водат сметка и за рокот на употреба на производите и на пазарот пласираат исклучиво производи кои ги задоволуваат барањата “, велат од АХВ.

Секоја храна, за која не постојат гаранции дека се исполнети општите и посебните услови за безбедност се третира како небезбедна, со потенцијална опасност по здравјето на луѓето.

Во оваа категорија спаѓа и храната на која и е поминат дефинираниот рок на употреба, или истиот е нечитлив и неразбирлив, како и храната на која рокот на употреба е менуван. Ваквата храна, по налог и под надзор на инспекциските служби треба да се уништи без да предизвика дополнителни штети.

Над 35 тони храна е небезбедна

Над 35 тони храна во просек во последните пет години е откриено дека е небезбедна по што е дадена на уништување во Северна Македонија. Сите овие количини, најчесто на месо и месни производи се откриени при редовните и вонредните инспекциски надзори, а доста често и по пријавите на самите потрошувачи.

АХВ во просек секоја година врши околу 50,000 инспекциски надзори, освен во 2019 година кога извршила над 110.000 инспекциски надзори, но и тогаш количината на уништена храна и пијалоци е во рамки на петгодишниот просек.

Во најголем дел нерегуларностите или недостатоците утврдени при инспекцискиот надзор се решаваат по принципот „прво опомена па казна“, па така добар дел од нив завршиле со едукативна мерка или предупредување.

Во просек околу 300 прекршочни пријави се поднесуваат до операторите на храна, а бројот на кривични пријави се движи под 10, додека пак во 2020 година не е поднесена ниту една кривична пријава.

Граѓанските пријави речиси секоја година за делот на производи со изминат рок се движи околу 30, најчесто за храна од животинско потекло, но не може да се занемари ниту небезбедната храна и пијалаци кои не содржат животински состојки, а кои завршуваат на уништување.

Претпазливост но, и вишок на отпад од храна

На ниво на ЕУ годишно се создаваат околу 88 милиони тони отпад од храна, од кои се проценува дека 10% потпаѓаат токму на недвоумици предизвикани од ознаката за рок на употреба.

„Подобро разбирање и употреба на ознаките за рокот на употреба поточно „употребливо до“ и „најдобро пред“ од сите засегнати страни може да доведе до спречување и намалување на фрлената храна во ЕУ“, порачуваат од Европската комисија.

До крајот на годинава, комисијата треба да подготви нови измени на европската регулатива која ќе важи за земјите членки, но и за земјите со кандидатски статус кои треба да го усогласат националното со европското законодавство.

Ознаката „употребливо до“ се однесува на рокот на употреба до кога производот е безбедно да се консумира, додека пак ознаката „најдобро пред“ укажува колкав период производот ги има рекламираните карактеристики, како вкус и текстура. Со оваа ознака не се означува крајниот рок на употреба, туку дека и по тој рок производот е безбеден за консумација, но со намалени карактеристики во вкусот и текстурата.

TRT Balkan
Популарни