Фудбалот е глобален феномен. Се гледа речиси во целиот свет, а Светските првенства во фудбал се како долгоочекуван празник. Кога има Мундијал, најголемите фанови земаат и слободни денови за да не одат на работа и непречено да ги следат натпреварите.
Фудбалот речиси подеднакво го гледаат и мажи и жени, но и го играат. Иако е спорт во кој доминираат мажите, сепак последниве децении расте популарноста на женскиот фудбал.
Оние што го гледаа неодамна одржаното ЕУРО 2022 за жени може да посведочат за жестината и за техниката на женскиот фудбал кој многу се измени во последната деценија.
Играат на ист терен, играат со иста топка, играат еднакво жестоко и борбено, но сепак јазот помеѓу мажите и жените е огромен кога станува збор за наградите што се доделуваат во машкиот и во женскиот фудбал и сумите кои се вложуваат. ТРТ Балкан ви дава преглед на овие разлики.
Награди на Светско првенство за жени наспроти мажи
Според Статиста, глобалната база за статистички податоци, вкупниот награден фонд за Светското првенство во фудбал за мажи кое треба да се одржи во Катар 2022 година е над 430 милиони евра.
Наградите за жените не се ниту двојно, ниту тројно помали туку шестпати помали од сумата што ќе ја добијат мажите. Многумина ќе го објаснат ова со популарноста на машкиот фудбал наспроти женскиот, а со тоа и приходите.
Награди на Европско првенство за жени наспроти мажи
Големиот јаз во наградите за мажите и жените во спорот стана поактуелна со неодамна одржаното Европско првенство во фудбал за жени. На ЕУРО 2022 за жени победи тимот на Англија во финалето против Германија.
Фондот за награди на ова натпреварување, според Статиста, е нешто над 15,5 милиони евра. Фондот за добивки на последното одржано Европско првенство во фудбал за мажи 2020 година беше 329 милиони евра. Тоа значи дека овде разликата е подрастична и изнесува дури 21 пат повеќе за мажите во споредба со жените.