Триумфот од 2:0 против Вест Хем беше 42. натпревар за Баер во сезоната во сите натпреварувања без пораз / Photo: Reuters

Фудбалерите на Аталанта направија голем чекор кон пласман во полуфиналето на Лига Европа откако во првиот четвртфинален натпревар на „Енфилд“ го совладаа Ливерпул со 3:0.

Головите за тимот од Бергамо ги постигнаа Џанлука Скамака (38, 60) и Марио Пашалиќ (83). Со оваа победа Аталанта ја прекина серијата од 33 меча без пораз на Ливерпул на „Енфилд“.

Последниот домашен пораз „Црвените“ го доживеаја во февруари минатата година од Реал Мадрид (2:5) во Лигата на шампионите, по што искомбинираа 28 победи и пет нерешени.

Аталанта можеше да поведе веќе во третата минута, но ударот на хрватскиот фудбалер одлично го одбрани Каоимхин Келехер. „Црвените“ возвратија во четвртата минута преку Дарвин Нуњез, а минута подоцна и преку Алексис Мек Алистер, но и двајцата беа непрецизни.

Нуњез имаше уште една шанса во 15. минута, но без промена на резултатот. Најдобрата шанса во првото полувреме Ливерпул ја имаше во 27. минута, Харви Елиот шутираше, но неговиот удар прво ја погоди гредата, а потоа и стативата.

Гостите поведоа во 38. минута по брз контранапад, Давиде Запакоста одлично му асисттираше на Џанлука Скамака кој погоди за 1:0.

Ливерпул во вториот дел го зголеми притисокот, влегоа Салах, Собошлаи и Дијаз, но вториот гол на натпреварот повторно го постигнаа гостите. Де Кетелаер нафрли од десно во 60. минута, а Скамака прекрасно погоди за 2:0 и негов втор гол на натпреварот. Шест минути подоцна можеше да биде и 3:0, но Теун Купмајнерс не ја фати добро топката.

Конечните 3:0 ги постави Пашалиќ во 83. минута по шутот на Едерсон. Келехер одбрани, а хрватскиот репрезентативец ја внесе топката во мрежата за голема победа на италијанскиот тим.

Солидна предност во пресрет на реваншот има и Баер Леверкузен, кој го победи Вест Хем Јунајтед со 2:0, постигнувајќи ги двата гола во самата завршница од натпреварот.

Стрелци беа Јонас Хофман (83) и Виктор Бонифас (90+1).

Лидерот во германскиот шампионат доминираше во текот на целиот натпревар против последниот победник во Конференциската лига. „Апотекариите“ имаа 65 проценти посед на топка и дури 32 удари кон противничкиот гол. Лукаш Фабијански бранеше брилијантно, но на крајот двапати беше матиран.

Тоа беше 42. натпревар за Баер во сезоната во сите натпреварувања без пораз.

Во италијанската пресметка Рома го совлада Милан со 0:1 на Сан Сиро, а решавачкиот гол беше Џанлука Манчини во 17. минута.

Милан оваа сезона победи на двата меѓусебни првенствени натпревари, а до овој натпревар загуби само една од последните 13 меѓусебни средби.

Во последниот меч од вечерта Бенфика го победи Марсеј со 2:1. Португалскиот тим поведе со 2:0 со головите на Рафа Силва (16) и Анџело ди Марија (52), а за ОМ погоди Пјер-Емерик Обамејанг (67).

Реваншите се на 18 април.

TRT Balkan / агенции
Популарни