Баер Леверкузен и Аталанта ќе играат во финалето на Лига на Европа, откако во полуфиналето германскиот тим ја исфрли Рома со вкупни 4:2, додека Аталанта беше подобра од Марсеј со вкупни 4:1.
Многу потешко од очекуваното, во финалето се пласираше новиот германски шампион Баер. Клубот од Леверкузен имаше 2:0 од првата средба во Рим, но Рома водеше со 2:0 до 82. минута. Двата гола ги постигна Аргентинецот Паредес и двата од пенали во 43. и 66. минута.
Беше тоа добар натпревар во кој домаќините имаа повеќе шанси, но на голот на римјаните беше одличниот голман Свилар.
Рома на крајот, сепак, потклекна во 82. минута, прво по несмасниот автогол на Манчини. Баер уште еднаш беше на милиметри блиску до првиот пораз сезонава во сите натпреварувања, но повторно го избегна, благодарение на хрватскиот репрезентативец Јосип Станишиќ. Хрватот влезе во игра во 90.минута, но во 97. минута по одлична соло акција погоди за конечни 2:2.
Ова беше 49-ти натпревар по ред сезонава во кој Баер не загуби. Клубот од Леверкузен по втор пат во својата историја стигна до финалето на Лига Европа, кое го освои во 1988 година, тогаш под името Куп на УЕФА. Таа година во финалето го победи шпанскиот Еспањол.
Баер Леверкузен еднаш во својата историја играл финале во Лигата на шампионите, во 2002 година кога беше поразен од Реал Мадрид.
Аталанта го победи Марсеј со 3:0 во Бергамо откако првиот меч на Марсеј Велодром заврши 1:1. Аталанта беше многу подобра во текот на првото полувреме, а тоа го круниса со голот на Лукман во 30. минута.
На почетокот на вториот дел, во 52. минута асистираше Лукман, а Ругери погоди за 2:0. Тоа беше предност која остана недостижна за францускиот тим, а на самиот крај Туре погоди за конечни 3:0 за Аталанта, која за прв пат во својата историја се пласираше во финале на едно големо европско натпреварување.
Финалниот меч ќе се игра во Даблин на 22 мај, а минатата сезона во финалето Севиља беше подобра од Рома, кога по седми, рекорден пат, клубот од Андалузија го освои ова натпреварување.