Фаворитите немаа проблеми во вчерашните натпревари од третото коло од Лигата на Шампиони во групите А, Б, Ц и Д.
Галатасарај вложи големи напори да го совлада Баерн Минхен, но Баварците победиja со 1:3.
Францускиот напаѓач на Баерн Минхен, Кингсли Коман рано постигна гол на РАМС Паркот во Истанбул, но Галатасарај одговори во 30. минута со голот на Мауро Икарди од пенал.
Турскиот клуб притискаше цело време и промаши неколку шанси, но гостите го решија натпреварот за шест минути, со головите на Хари Кејн и Џамал Мусиала во 73. и 79. минута.
Лидерот во групата А, Баерн победи на трите натпревари сезонава, а второпласираниот Галатасарај го претрпе првиот пораз и има четири бода.
Во вториот натпревар од групата Манчестер Јунајтед со многу среќа го победи Копенхаген со 1:0 на Олд Трафорд.
Во речиси изедначена игра Данците беа многу опасни во нападите, но домашните дојдоа во водство во 72. минута, со голот со глава на оспоруваниот Хари Мегваер. Навивачите веќе славеа, кога во 96. минута беше досуден пенал за гостите, но Онана одлично го одбрани ударот на Ларсон од белата точка.
Ова беше првата победа на Јунајтед во сезоната, па сега има три бода, а Копенхаген е последен со еден бод.
Фудбалерите на Реал Мадрид и во третиот настап ја постигнаа третата победа совладувајќи ја португалска Брага со 2:1 на гостински терен во групата Ц.
По бразилската комбинација, Реал поведе во 16. минута. Винисиус Јуниор асистираше, а Родриго постигна гол. Домашните не беа особено воодушевени од респектабилниот противник и одиграа храбро и агресивно.
Имаше шанси и на двете страни, но во таков ритам повторно се затресе домашната мрежа.
Во 61. минута повторно асистент беше Винисиус, а стрелец за 2:0 беше одличниот Џуд Белингем. Упорноста и разиграноста на Брага вроди со плод во 63. минута кога Алваро Џало намали на 1:2. После тоа Реал се повлече и домаќинот со сите сили се обидуваше да израмни, но не успеа.
Во истата група нова победа забележа Наполи, кој со минимални 1:0 славеше против Унион Берлин. Решавачкиот гол го постигна Распадори во 65. минута.
Водечкиот Реал има девет бода, Наполи има шест, Брага три, додека Берлин е без бодови.
Во групата Б, Арсенал ја победи Севиља со 2:1 на гостински терен и ја оствари втората победа.
Одличен беше Бразилецот Габриел Жесус, кој го почна контранападот што заврши со гол на Мартинели во финишот на првото полувреме. Жесус во 53. минута постигна мајсторски погодок, откако изведе краток дриблинг и речиси од мртов агол ја погоди мрежата.
Севиља намали во 58. минута кога хрватскиот фудбалер Иван Ракитиќ асистираше од корнер, а Србинот Немања Гудељ со глава намали на 1:2.
Во вториот натпревар Ленс и ПСВ ремизираа 1:1. Многу убав гол постигна Бакајоко во 54. минута за водство на гостите од Ајндховен, но десет минути подоцна Ваха израмни.
На чело на табелата во групата Б е Арсенал со шест бодови, Ленс има пет, а Севиља и ПСВ по два.
Бенфика веќе е на работ на испаѓање, откако го загуби третиот натпревар во групата Д, и не само тоа, туку португалскиот шампион не постигна гол цели 270 минути.
Овојпат Реал Сосиедад славеше како гостин на стадионот Луж со 1:0.
Претходно во таа група Интер во Милано го совлада австрискиот шампион Ред Бул Салцбург со 2:1. Домашните поведоа во 19. минута со голот на Алексис Санчез, додека гостите израмнија во 57. минута со голот на Глух.
Интер брзо го врати водството, а стрелец за три бода во 64. минута беше турскиот играч за врска Хакан Чалханоглу, кој погоди од белата точка.
Интер и Реал Сосиедад се на првите две позиции со седум бодови, Салцбург има три, а Бенфика е без бодови.