Батлер веднаш потпишал двегодишно продолжување на договорот со Вориорс, вреден неверојатни 111 милиони долари / Photo: Reuters

Американскиот кошаркар Џими Батлер се сели од Мајами во Голден Стејт во нов блокбастер трејд во НБА, потврдија синоќа бројни американски извори.

Трендот на блокбастер трејдови неодамна започна со преселбата на Лука Дончиќ од Далас во Лос Анџелес Лејкерс, а трансферот на Батлер од Мајами во клубот од Сан Франциско дополнително го направи овој преоден рок еден од најинтересните во историјата на НБА.

Како што ексклузивно објави Шармс Чарани од ЕСПН, Џими Батлер заминува од Мајами во Голден Стејт Вориорс, со што се става крај на сагата за иднината на 35-годишниот кој сакаше по секоја цена да ја напушти Флорида.

Тој го направи тоа на импресивен начин, бидејќи неколку минути по трејдот се појави веста дека веднаш потпишал двегодишно продолжување на договорот со Вориорс, вреден неверојатни 111 милиони долари. Неговиот договор со Голден Стејт сега е до крајот на сезоната 2026/27.

За Батлер Вориорси во Мајами ги испратија Ендрју Вигинс, Денис Шрудер, Кајл Андерсон и заштитен избор од првата рунда на драфтот.

Шрудер потоа брзо беше разменет од Мајами во Јута, а Торонто требаше да го добие Кајл Андерсон, но договорот пропадна и тој остана во Мајами.

Трејдот го вклучува и Џош Ричардсон, кој ќе се пресели од Мајами во Детроит заедно со Линди Вотерс, како и Пи Џеј Такер, кој oд Јута ќе се пресели во Мајами.

Освен трејдот на Батлер, се случија уште неколку размени.

Ѕвездата на Њу Орлеанс, Брендон Инграм, заврши во Торонто, а на спротивната страна заминаа Брус Браун и Кели Олиник. Лос Анџелес лејкерс го донесоа центарот Марк Вилијамс, а во Шарлот ги испратија Далтон Кнеч и Кам Редиш.

Последниот рок за размена на играчите во НБА завршува вечерва, во 21 часот.

TRT Balkan / агенции
Популарни