Проектот на Суперлигата на европски фудбалски тимови е „мртов“ изјави претседателот на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) Александар Чеферин.
Челникот на кровната куќа на европскиот фудбал во текот на разговорот со новинарите во Аргентина ги отфрли изјавите кои претходниот ден ги даде Бернд Рајхард, новиот генерален директор на А22 Спорт Менаџмент компанијата која стои зад проектот на покренување на ново натпреварување.
Рајхард рече дека иницијативата за формирање на натпреварувањето сѐ уште постои, иако во друг формат.
„Тука сме да разговараме за фудбал, а тоа не е фудбал“, рече Чеферин.
А22 Спорт Менаџмент заедно со 12 елитни клубови во Шпанија, Англија и Италија во април минатата година најави формирање на Суперлига, на што се спротивстави УЕФА. Оригиналниот проект пропадна во рок од 48 часа, а од компанијата сега тврдат дека Реал Мадрид, Барселона и Јувентус разговараат за турнир кој се заснова на заслуги.