Натпреварите Реал - Сити и Атлетико - Дортмунд се прогласени за високоризични па повеќе од 3.000 шпански војници дополнително се ангажирани / Photo: UEFA Facebook

Терористичката организација ДАЕШ испрати застрашувачка порака во пресрет на четвртфиналните натпревари од Лигата на шампионите кои ќе се играат во Мадрид, Лондон и Париз.

ДАЕШ, преку Фондацијата Ал Азаим, медиумот кој ги пренесува пораките на терористичката организација, објави постер на кој се прикажани стадионите „Паркот на принцовите„, „Сантијаго Бернабеу“, „Ванда Метрополитано“ и „Емирати“ со порака „Убијте ги сите“.

Заканата дојде откако пред неколку дена медиумот Сарх ал-Хилафах, исто така поврзан со ДЕАШ, објави фотографија на која повикува на напад на Алијанц Арената во Минхен на натпреварот помеѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.

Властите во Шпанија сериозно ја сфатија потенцијалната терористичка закана. Натпреварите меѓу Реал - Манчестер Сити и Атлетико - Борусија Дортмунд, кои ќе се играат денеска и утре во Мадрид, се прогласени за високоризични, поради што повеќе од 3.000 војници дополнително се ангажирани во обезбедувањето.

Последниот напад на Исламска држава се случи на 22 март во Градското собрание Крокус, голема концертна сала во Москва, кога неколку вооружени мажи оставија 143 мртви и околу 200 ранети.

Освен натпреварот Реал Мадрид- Манчестер Сити вечерва се игра и мечот Арсенал- Баерн, а утре Атлетико Мадрид- Борусија Дортмунд и ПСЖ-Барселона.

Реваншите се закажани за следната недела.

TRT Balkan / агенции
Популарни