Новатa сезона во НБА лигата започна „по старо“ со победа на шампионот и трипл дабл на Никола Јокиќ.
Кошаркарите на Денвер ги пречекаа Лејкерси, и откако им беа доделени шампионските прстени ги испратија дома гостите од Лос Анџелес со пораз (119:107) во првиот овосезонски натпревар во најсилната лига во светот.
Во вториот натпревар од отворањето на НБА Феникс предводен од Девин Букер беше подобар од Голден Стејт на гостински терен(108:104).
Во Денвер српскиот кошаркар Никола Јокиќ потсети зошто минатата сезона беше најдобар кошаркар во најсилната лига на планетата со нов трипл-дабл (29 поени, 13 скока и 11 асистенции).
Тоа беше 106-ти трипл-дабл за центарот на Денвер во кариерата и сега е шести на вечната листа зад Леброн Џејмс и Џејсон Кид, кои имаат по еден повеќе. Расел Вестбрук е неспорен со 198.
„Мислам дека ги контролиравме случувањата на теренот во текот на целиот натпревар“, изјави Јокиќ по првиот триумф сезонава.
Во Денвер очекувано добри беа Џамал Мареј со 21 поен и шест асистенции, како и Кентавиус Колдвел-Поуп со 20 поени, додека Арон Гордон додаде 15 поени со седум скока и пет асистенции.
На другата страна, Леброн Џејмс и понатаму е најдобар во Лејкерси (21 поен, осум скока и пет асистенции за 29 минути), а Таурен Принс во дебито за Лејкерси постигна 18 поени.
Втората ѕвезда во тимот, Ентони Дејвис постигна скромни 17 поени со осум скока и четири асистенции.
Санс го замолкнаa „Чејс Центар“ во Сан Франциско, а Девин Букер имаше феноменална партија - 32 поени, осум асистенции и шест скока.
Добра вечер имаше уште една голема ѕвезда на Феникс, Кевин Дурент (18 поени, 10 скокови), а одличен старт на сезоната имаше босанскиот центар Јусуф Нуркиќ, кој стигна до дабл-дабл (14 поени, 14 скокови).
Кај Голден Стејт Стеф Кари постигна 27 поени, Клеј Томпсон 15 (со седум скока), а Крис Пол 14 поени (девет асистенции)...
Тимот на Феникс беше без Бредли Бил - новото големо засилување на тимот од Аризона, кој го пропушти натпреварот поради болки во грбот.