Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас е нов фудбалер на Торино, откако германскиот Лајпциг одлучи да го испрати на позајмица до крајот на сезоната. Италијанскиот клуб има можност да го откупи договорот на Елмас за 17 милиони евра.
„Чест и задоволство ни е што можеме да објавиме дека го комплетиравме трансферот на Елиф Елмас од Лајпциг, на привремена база со опција за перманентен трансфер“, објави Торино.
По пауза од една година македонскиот ас се враќа во Италија каде со успех ги бранеше боите на Наполи, тим со кој пред две сезони стигна и до шампионското скудето.
Елмас, кој минатата година пристигна во Лајпциг за 24 милиони евра, беше незадоволен од својот статус кај тренерот Марко Росе, па реши да ја промени средината во потрага по поголема минутажа.
Оваа сезона, македонскиот офанзивен играч за врска одигра само 44 минути во Бундеслигата и 15 во Лигата на шампионите.
Во својата нова екипа, Елмас ќе го носи дресот со број 11, а во Торино се надеваат дека ќе биде клучен играч во офанзивата на тимот.