Мислев дека нашата приказна е завршена, но ќе има последен чин, рече Ѓоковиќ / Photo: Novak Gjokovic Facebook

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, започна соработка со својот долгогодишен ривал и пријател, Британецот Енди Мареј, кој му се приклучи на неговиот тим како тренер.

Договорот е постигнат во пресрет на правење стратегија за следната сезона, со фокус пред сѐ на подготвителниот период, а потоа и на Австралија опен, каде Новак ќе се обиде да ја освои својата 11-та титула во сингл.

Последниот трофеј во Мелбурн српскиот тенисер го освои во 2023 година.

„Возбуден сум што еден од моите најголеми ривали ќе биде со мене на истата страна од мрежата, овој пат како мој тренер. Со нетрпение очекувам да ја започнеме сезоната заедно со Енди и тој да биде со мене во Мелбурн, каде што споделивме многу исклучителни моменти во мојата кариера“, истакна Ѓоковиќ.

По завршувањето на првиот Грен слем во сезоната, а во зависност од натпреварувачкиот распоред на Новак, Ѓоковиќ и Мареј ќе договорат евентуално продолжување на соработката во текот на годината.

„Од момчиња игравме еден против друг, 25 години бевме големи ривали, се форсиравме надвор од нашите граници. Имавме некои од најголемите битки во нашиот спорт. Нè нарекоа „менувачи на играта“, „преземачи на ризик“ и „создавачи на историја“. Мислев дека нашата приказна е завршена, но ќе има последен чин. Време е еден од моите најголеми ривали да застане во мојот агол, тренерот Енди Мареј е добредојден“, напиша Ѓоковиќ на Х.

TRT Balkan / агенции
Популарни