Сите голови на натпреварот беа постигнати по корнери / Photo: AA

Турската фудбалска репрезентација е последниот патник во четвртфиналето на Европското првенство во Германија, откако ја победи Австрија со 2:1 (1:0) во Лајпциг.

Туркије во четвртфиналето в сабота во Берлин ќе игра против Холандија, која претходно ја победи Романија со 3:0.

Јунак на победата на Туркије во осминафиналето беше Мерих Демирал, која постигна два гола. Австриската мрежа ја погоди во 1. и 59. минута за 2:0, додека Австрија само го намали резултатот во 66. минута. Стрелец беше Грегорич.

Интересно, сите голови беа постигнати по корнери.

Дуелот започна одлично за турските репрезентативци кои поведоа уште во првата акција, уште во првата минута. Австријците по еден корнер комплицираа во својот шеснаесетник и за малку ќе ја внесеа самите топката во мрежата. Кога не успеаја, Демирал беше тој што жестоко стрелаше под гредата за голема турска прослава.

Австрија тргна веднаш по шокантниот старт и бараше решение што е можно поскоро. Австријците се заканија и по корнер во петтата минута, но не беа агилни како нивните ривали.

Многу брзо потоа Лајнхарт имаше шанса, но шутираше преку гредата. Притисокот на Австријците траеше дваесетина минути, но по споменатите две шанси се повеќе им се закануваа на Турците. Потоа Туркије излезе од притисокот и повторно се закани во 25. минута.

Стрелецот Демирал имаше шанса, но овојпат беше непрецизен. Австрија ја имаше најдобрата шанса за 1:1 во првото полувреме во судиското надополнување во првите 45 минути. Баумгартнер ја постави ногата по добар центаршут на Пош, но топката помина покрај голот на Туркије.

На почетокот на вториот дел Австрија уште посилно притисна и многу брзо создаде две одлични шанси. Во 51. минута австрискиот напаѓач Арнаутовиќ се најде сам пред Гунок, но го немаше најдобриот удар, а турскиот голман одлично реагираше. Само две минути подоцна Лајмер шутираше од десетина метри, но пред самиот удар се лизна и топката мина покрај голот на Туркије.

Многу брзо потоа Австријците беа казнети поради уште една слаба реакција по прекин. Во 59. минута нов корнер и нов гол на Демирал, кој овојпат се издигна и со глава погоди за 2:0. Австријците брзо се вратија во игра. Во 66. минута се случи уште еден гол по корнер.

Пош нафрли на втората статива каде Грегорич наиде на топката и погоди за 1:2. Кулминацијата на драматичниот меч се случи во судиското надополнување.

Најпрвин Јилмаз имаше шанса во 94. минута дефинитивно да ја потврди победата на својот тим.

Во контранападот одлично се ослободи од својот чувар, но неговиот добар удар го одбрани Пенц.

Минута подоцна на другата страна Баумгартнер имаше уште подобра шанса, за 2:2. Беше на два метри од голот на Туркије и имаше добар удар со глава, но турскиот голман Гунок одлично реагираше и со рака во лет ја исфрли топката во корнер. Со тоа го спаси својот тим од продолженија и го турна во четвртфиналето против Холанѓаните.

TRT Balkan / агенции
Популарни