Во првиот натпревар од второто коло од групата „А“ на ЕП 2024 германската фудбалска репрезентација ја совлада Унгарија со 2:0.
Германија почна силовито од самиот старт, но и Унгарците покажаа дека можат да бидат опасни по голот на домаќинот. Сепак, Германија поведе во 22. минута на преполната „Арена“ во Штутгарт со голот на Џамал Мусиала на асистенција на Илкај Гундоган.
Со истиот резултат се замина на полувремето, а во вториот дел Унгарците како да се предадоа и повеќе се посветија на одбраната, но германскиот тим ја зголеми предноста во 67. минута преку Гундоган, кој погоди по одличната асистенција на Максимилијан Мителштад.
До крајот на натпреварот двете селекции имаа по неколку шанси, но резултатот не се промени, па Германија ја оствари втората победа на овој турнир.
Во иста група од 21 часот се среќаваат Шкотска и Швајцарија. Швајцарија во првото коло ја совлада Унгарија со резултат 3:1, а Германија ја декласира селекцијата на Шкотска со резултат 5:1.
Германија со победата обезбеди учество во наредната рунда, а Унгарија се уште може да се надева на пласман во зависност од резултатите во групата А, но и во другите групи.