Словенија во последното коло ќе мора да бара пат до нокаут фазата против Англија, а Србија против Данска / Photo: AA

Во уште еден драматичен расплет, фудбалерите на Србија успеаја да дојдат до бод со гол во последната минута против Словенија во Минхен, играјќи 1:1 во натпреварот од 2.коло од групата Ц на Европското првенство.

Во групата води Англија со три бода, Словенија има два, а Данска и Србија по еден. Англија и Данска играат од 18 часот.

За дуелот со Србија, Матјаж Кек на теренот го испрати истиот состав кој стартуваше и го носеше најголемиот товар во освоениот бод против Данска во првото коло, додека Драган Стојковиќ направи играчки, но и тактички промени во однос на мечот против Англичаните, во кој остана без Филип Костиќ кој се повреди и го заврши настапот на ЕП.

Тој во стартниот состав беше заменет со 35-годишниот капитен на репрезентацијата Душан Тадиќ, кој го зазеде местото зад напаѓачкото дуо Душан Влаховиќ и Александар Митровиќ.

Во средниот ред од стартниот состав отпаднаа Немања Гудељ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, а влегоа Филип Младеновиќ и Иван Илиќ.

Тие промени на почетокот на играта не донесоа позитивно поместување во играта на српската репрезентација. Словенците подобро влегоа во игра и во првите десет минути двапати сериозно му се заканија на српскиот голман Предраг Рајковиќ.

Србија до 27. минута беше без шут кон голот. Потоа Влаховиќ се обиде со глава, но неговиот удар беше лесен плен за добро поставениот словенечки голман Јан Облак. Но тоа беше знак дека избраниците на Стојковиќ почнаа да се будат и поконкретно да се закануваа.

Во 31. минута Тадиќ одлично нафрли од корнер до спротивната статива, но Млакар успеа да ја исфрли топката пред Митровиќ на метра-два од гол линијата. По еден период на подобра игра на српските фудбалери, Словенија во 38. минута ја имаше својата најдобра шанса на натпреварот.

Елшник искористи грешка во одбраната на Србија, влезе во шеснаесетникот и со силен удар го совлада Рајковиќ, но топката ја погоди стативата.

Сепак, таа се одби кон средината на шеснаесетникот, до Бенјамин Шешко, кој не ја зафати добро топката, испраќајќи ја преку гредата. Во 42. минута Србија ја имаше најубавата шанса преку Митровиќ. Митровиќ искористи одлична топка, се ослободи од чуварот во шеснаесетникот, но Облак влезе во неговиот удар и со тоа го спречи да го постигне првиот гол на српската репрезентација.

Србија прва се закани во вториот дел. Во 47. минута Тадиќ и Митровиќ одлично искомбинираа по десната страна од шеснаесетникот. Тадиќ со одлична топка го испрати Митровиќ во ситуација еден на еден против Облак, но одличниот словенечки голман уште еднаш го пресече аголот и го одбрани ударот на српскиот напаѓач.

После тоа, Јака Бијол несмасно интервенираше пред Јан Облак и за малку не ја испрати топката во сопствената мрежа.

Словенија во второто полувреме направи малку до 58. минута, а потоа Предраг Рајковиќ со уште една одлична интервенција ја сочува својата мрежа. Во контра напад беше Шешко. Тој немаше голема помош од соиграчите, па реши да се обиде да го изненади српскиот голман од 25 метри. Со десната нога шутираше кон спротивниот горен агол, но Рајковиќ се испружи и ја „извади“ топката од под гредата.

Во 65. минута Митровиќ имаше уште една шанса, но од десетина метри ја испрати топката над голот. И кога се чинеше дека Србија сепак ќе успее да постигне гол од толку прилики, топката заврши во мрежата на спротивната страна.

Карничник ја зеде топката на средината од теренот и ја испрати на левата страна кон Елшник. Полека, словенечкиот играч за врска извлече контранапад, а потоа испрати одлична приземјена топка кон спротивната статива. Таму Карничник се прикраде зад српските дефанзивци и ја испрати топката во мрежата за Словенија да поведе во 69. минута.

Тоа беше втор гол на десниот бек за репрезентацијата на Словенија. Но, Карничник беше насекаде во оваа игра. Во 72. минута беше тој што го спречи Митровиќ да постигне гол, кога тој влезе во неговиот удар во висина од шеснаесетникот и толку ја одби топката што таа ја погоди гредата и не заврши во мрежата.

Словенија од 80. минута му го препушти поседот на српските фудбалери и ги затвори приодите до нивниот гол. Србија испрати безброј нафрлувања во шеснаесетникот, но згуснатата и концентрирана словенечка одбрана успеа да ги елиминира сите.

Им остана да го направат тоа само уште еднаш, кај последниот удар од корнер. Нафрли Иван Илиќ, топката отиде во шумата од играчи кои беа на работ од шеснаесетникот. Најснаодлив меѓу нив беше Лука Јовиќ, кој со глава ја смести во мрежата покрај Јан Облак.

Словенија во последното коло ќе мора да бара пат до нокаут фазата против Англија, а Србија против Данска.

TRT Balkan / агенции
Популарни