Австриските фудбалери ја совладаа Полска со 3:1 (1:1) во првиот натпревар од 2.коло од групата Д на Еврото во Германија, што се одигра на Олимпискиот стадион во Берлин.
Австрија поведе во 9. минута со голот на Гернот Траунер. Израмни за Полска Кшиштоф Пјатек во 30. минута. Кристоф Баумгартнер погоди за ново водство на Австрија во 67. минута. Конечните 3:1 ги постави Марко Арнаутовиќ во 78. минута од пенал.
И Полска и Австрија во мечот на Олимпискиот стадион во Берлин влегоа без бодови, но со добар впечаток што оставија во мечевите со фаворизираните Холанѓани и Французи, кои играат меѓусебе од 21 часот.
Фактот дека во третото коло само ќе ги заменат ривалите од првото коло, императив на двете селекции за победа, за да влезат со три бода во последните 90 минути од групната фаза.
За полските навивачи најважно беше прашањето дали и колку капитенот Роберт Левандовски ќе игра против Австрија. Веројатно беа разочарани кога го видоа стартниот тим без најдобриот стрелец на Полска.
Австријците беа поконкретни на почетокот на натпреварот, па веќе во 4. минута нивниот најдобар играч Марсел Сабицер шутираше од шеснаесетникот, но не беше прецизен. Сепак, тимот предводен од Ралф Рангник поведе при втората шанса на натпреварот.
Полјаците во првите 15 минути тешко го освојуваа поседот, но беа опасни кога успеваа да организираат контранапади. Сепак, во финалето им недостигаше конкретност. Меѓутоа, во 30. минута со малку среќа Полска израмни.
Акцијата на Полјаците беше долга, почна од десната страна, а Јан Беднарек прв до топката на центаршут од левата страна шутираше од десетина метри, но директно кон Траунер, кој одлично се позиционираше. Сепак, топката од австрискиот дефанзивец се одби директно во нозете на Кшиштоф Пјатек, кој од неколку метри го совлада австрискиот голман Патрик Пенц.
И двајцата тренери направија по една измена на почетокот на вториот дел, но Михал Пробиерз го направи потегот што го чекаа полските навивачи, кога во 60. минута го замени напаѓачкото дуо и на местото на Букса влезе Роберт Левандовски. Но, Ралф Рангник ги подготви Австријците за полскиот капитен, кој не беше доминантен на овој дуел.
Австријците продолжија да доминираат по посед, а тоа им се исплатеше во последните 25 минути игра, прво со ново водство во 67. минута преку Баумгартнер.
Десет минути подоцна Арнаутовиќ погоди од пенал за конечни 3:1.
Австрија сосема заслужено победи и со три бода ја чека последната пресметка во групата во која за четири дена повторно на Олимпискиот стадион во Берлин игра против Холандија.