Фудбалската репрезентација на Украина ја совлада Словачка со 2:1 (0:1) во 2.коло од групата Е на ЕУРО во Дизелдорф.
Словачка поведе со голот на Иван Шранц (17), а Украина подоцна направи пресврт преку Микола Шапаренко (54) и Роман Јаремчук (80).
Украинскиот селектор Сергеј Ребров направи дури четири измени во стартниот состав во однос на поразот од Романија од 0:3, а најимпресивната од нив се случи на голот каде Трубин го замени Лунин. Покрај тоа, капитенот Степаненко се пресели на клупата и беше заменет со Јармоленко, друга промена во средниот ред беше воведувањето на Брашко наместо Циганков, додека на десното крило Тимчик го замени Конопља.
Од друга страна, Словачка стартуваше со истата екипа која во 1. коло беше подобра од Белгија, а тој избор на италијанскиот стратег Франческо Калцона се покажа како оправдан бидејќи Словаците многу подобро го почнаа дуелот.
По двата обида на Хараслин во 8. и 10. минута кои рутински ги одбрани, украинскиот голман Трубин го оправда своето вклучување во тимот со бравурозна одбрана во 11. минута. Ханко мина по левото крило и нафрли пред голот каде Матвијенко реагираше несмасно и за малку ќе си постигнеше автогол. Во продолжението од акцијата топката стигна до Шранц, но неговиот удар од непосредна близина Трубин успеа да го одбрани со неговото тело.
Сепак, во 17. минута ниту расположениот Трубин не можеше да ги затвори сите дупки што ги остави неговата одбрана. На почетокот на акцијата Трубин го блокираше слободниот удар на Ханк, но левата страна на украинската одбрана „заспа“. Хараслин се избори за простор за центаршут кој го прелета лошо поставениот Зинченко, а Шранц беше подготвен да ја дочека шансата и да го матира Трубин со главата.Ова беше втор гол на Шранц на ЕП.
Дури откако заостана во резултатот Украина понуди нешто офанзивно, па во 28. минута Мудрик прекрасно го проигра Довбик во шеснаесетникот, со убав дриблинг се ослободи од двајца чувари, но крајниот удар сепак беше блокиран.
Словачка можеше да замине на пауза и со два гола предност, но ударот по земја на Хараслин од 20 метри Трубин успеа да го „скине“ од долниот лев агол.
Украина порешително го започна продолжението и израмни во 54. минута. Мудрик го повлече нападот, освои голем дел од теренот и го вработи Довбик, кој мудро паузираше и го чекаше доаѓањето на соиграчите. Топката беше додадена на левото крило, каде налета Зинченко, а со луцидна приземјена топка на 12 метри ја намести за удар на Шапаренко, кој пристигна од втор план и го погоди долниот десен агол на беспомошниот Дубравка.
Украина имаше уште една одлична можност во 74. минута кога тргна во контранапад, Јаремчук му ја даде топката на Мудрик, но неговиот удар беше сопрен покрај стативата.
Сепак, комплетен пресврт дојде во 80. минута, кога Шапаренко ја нафрли топката од десната страна во шеснаесетникот, минувајќи ги двајцата стопери од Словачка, а тој центаршут одлично го следеше Јаремчук, кој малку пред Дубравка стигна до топката и со лесен допир ја пренасочи во мрежата.
И Словачка и Украина по два настапи имаат по три бода. Три бода во групата Е има и Романија, додека Белгија нема бодови.
Белгија и Романија во сабота ќе го одиграат натпреварот од 2. Коло.
Во последното коло играат Белгија-Украина, и Романија-Словачка.