Фудбалерите на Милан до крајот на натпреварот не успеаја да направат пресврт, со што Интер стана првиот учесник на овогодинешното финале на Лигата на шампиони што ќе се одигра во Истанбул
Фудбалерите на Интер по победата во првиот натпревар со 0:2, во реванш-средбата од полуфиналето на УЕФА Лигата на шампиони, на стадионот „Џузепе Меаца“ го совладаа Милан со 1:0 и заслужено со вкупен резултат 3:0 се пласираа во финалето на најсилното европско клупско натпреварување во фудбал.
Милан на синоќешниот натпревар имаше неколку изгледни можности, особено во 11. и 38. минута, кога Брахим Диаз, односно Рафаел Леао, не успеаја да ја затресат мрежата на Интер.
Само една минута подоцна Интер имаше извонредна можност за гол. Хакан Чалханоглу упати центаршут пред голот на Милан, а Един Џеко ја поткачи топката со глава и малку го смени правецот, но голманот на „росоњерите“ не дозволи да биде изненаден. Првото полувреме заврши со резултат 0:0.
Во второто полувреме Интер дојде до водство во 74. минута со голот на Лаутаро Мартинез по асистенција на Ромелу Лукаку.
Само три минути подоцна Милан имаше можност да го изедначи водството, но Оливие Жиру не успеа со глава да ја затресе мрежата на одличниот Онана.
Во 78. минута Интер можеше да ја зголеми предноста над Милан кога Мартинез се обиде да го лобува голманот на Милан, но Мајк Мањан со крајни напори го одбрани ударот и ја исфрли топката во корнер.
Фудбалерите на Милан до крајот на натпреварот не успеаја да направат пресврт, со што Интер стана првиот учесник на овогодинешното финале на Лигата на шампиони.
Интер во финалето на Лигата на шампиони ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Манчестер Сити и Реал Мадрид, што на програмата е денес со почеток во 21:00 часот. Првиот натпревар што се одигра во Мадрид заврши без победник 1:1.
Финалето на УЕФА Лигата на шампиони ќе се одигра на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул на 10 јуни.