Фудбалерите на Рома, Аталанта, Баер и Марсеј се пласираа во полуфиналето на овосезонското издание на Лига Европа.
Новиот германски шампион Баер од Леверкузен се уште е непоразен во сите натпреварувања оваа сезона, откако во реваншот од четвртфиналето на гостувањето кај Вест Хем Јунајтед одигра 1:1 и со тоа ја одбрани победата од 2:0 од првиот меч пред една недела.
Вест Хем поведе во раната фаза од натпреварот преку Антонио (13), потоа имаше уште неколку добри прилики да ја зголеми предноста и анулира негативата.
Но не ги искористи и беше казнет на самиот крај (89) кога шутот на Фримпонг се одби од блокот на еден од домашните фудбалери и заврши во мрежата за конечни 1:1.
Аталанта и покрај поразот од Ливерпул со 0:1 на домашен терен, се пласираше со вкупни 3:1 благодарение на големата победа на „Енфилд“ минатата недела. Гостите постигнаа гол на самиот старт од натпреварот кога Салах погоди од пенал по среќно добиениот удар од белата точка откако топката го погоди Ругери во рака.
Сепак, во преостанатиот дел од мечот Аталанта безбедно ја одбрани преостанатата предност од два гола.
Рома по втор пат за една недела го совлада Милан откако пред една недела во Милано славеше 1:0, овојпат победи со 2:1 во Рим. Манчини (12) и Дибала (22) и донесоа предност на Рома, а домашните останаа со 10 играчи во 31. минута откако Челик беше исклучен, но Милан успеа само да го ублажи поразот преку Габи (85).
За Рома ова е трета година по ред како стигнува барем до полуфинале во европските натпреварувања, во 2022 година ја освои Конференциската лига, додека лани го загуби финалето на Лига Европа од Севиља по изведување пенали.
На дуелот помеѓу Марсеј и Бенфика патникот во полуфиналето беше одреден со удари од белата точка. Со голот на Мумбањ (79), Марсеј ја надополни минималната негатива од првиот меч во Лисабон, а бидејќи резултатот не се промени во дополнителните половина час, започна пенал рулетот.
Првиот обид за Бенфика го направи искусниот Ди Марија, но ја погоди гредата, а во четвртата серија голманот на Марсеј Пау Лопез го сопре обидот на Антонио Силва. Од друга страна, сите четворица домашни изведувачи беа сигурни и го однесоа Марсеј понатаму.
Во полуфиналето ќе играат Рома - Баер и Марсеј - Аталанта.
Првите натпревари се закажани за 2 мај, а реваншите на 9 мај.
Финалето ќе се игра на 22 мај во Даблин.