ПСВ остана непоразен во последните шест натпревари во Лигата на шампионите / Photo: Reuters

Во вчерашните натпревари од осминафиналето на фудбалската Лига на шампиони, Интер го совлада Атлетико Мадрид со 1:0, а ПСВ Ајндховен и Борусија Дортмунд одиграа 1:1.

Реваншите се на 13 март во Мадрид и Дортмунд.

Интер, кој е актуелен европски вицешампион, беше далеку поактивен, имаше неколку добри шанси и на крајот сосема заслужено славеше со голот на Марко Арнаутовиќ во 79. минута.

Тоа беше веќе деветта последователна победа на „нероаѕурите“ во сите натпреварувања оваа година, а на последните 14 натпревари во Лигата на шампионите го загубија само ланското финале од Манчестер Сити.

Двете екипи минаа низ групата без пораз. Атлетико беше прв во групата Е со четири победи и две нерешени, додека Интер беше втор во групата Д со по три победи и едно реми.

Првиот удар кон голот на двете страни беше упатен со удар со глава на напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез во 36. минута, но Јан Облак беше подготвен.

Три минути подоцна Интер ја имаше најдобрата шанса во првото полувреме. Маркус Турам ја украде топката во центарот и му асистираше на Лаутаро Мартинез, кој шутираше лошо од работ на шеснаесетникот. Во последните моменти од првото полувреме се обиде и Турам, но шутираше директно во Облак.

Нова шанса за Интер во 49. минута имаше Марко Арнаутовиќ, кој влезе во игра наместо повредениот Турам, но при падот шутираше над голот. Првата вистинска шанса Атлетико ја имаше дури во 55. минута, но Самуел Лино не реагираше најдобро.

Прашањето на победникот беше решено во 79. минута. Реинилдо погреши на средината на терено па Лаутаро истрча контра кон Облак. Шутот на Аргентинецот словенечкиот голман го одбрани, но Арнаутовиќ ја внесе одбиената топка во голот.

Во вториот натпревар од вечерта ПСВ Ајндховен и Борусија Дортмунд ремизираа 1:1.

Ова беше прв натпревар за ПСВ во нокаут фазата од Лигата на шампионите од сезоната 2015/16. кога беа елиминирани во осминафиналето од Атлетико Мадрид.

Единствените претходни натпревари меѓу овие клубови беа во групната фаза од Лигата на шампионите во 2002/03 година. Дортмунд победи со 3:1 во Ајндховен, додека реваншот во Германија заврши 1:1.

ПСВ остана непоразен во последните шест натпревари во Лигата на шампионите, израмнувајќи го нивниот рекорд од шест натпревари без пораз помеѓу октомври 1997 и септември 1998 година.

Домашните подобро го почнаа натпреварот, а првата интересна ситуација ја видовме во 16. минута кога шутираше Малик Тилман, но над голот. Во средината на првиот дел Борусија се разбуди и практично од првата вистинска можност германскиот тим поведе во 24. минута.

Марсел Сабицер му асистираше на Дониел Мален, кој ја прими топката во шеснаесетникот и шутираше дијагонално кон голот. Топката удри во Сергино Деста и малку го промени правецот, завршувајќи под гредата на Валтер Бенитез.

Домашните можеа да израмнат во 37. минута, Јохан Бакајоко беше во добра ситуација, но шутираше лошо. Сепак, ПСВ израмни во 56. минута со голот на Лук де Јонг од контроверзен пенал, откако Матс Хумелс го собори Тилман.

Срскиот судија Срѓан Јовановиќ покажа на белата точка, но германските фудбалери протестираа, по што асистираше ВАР. За нивна несреќа, одлуката на Србинот ја потврди хрватскиот судија во ВАР собата, Иван Бебек.

Вечерва се играат и последните два натпревари од осминафиналето на ЛШ, Порто- Арсенал и Наполи- Барселона.

Во претходно одиграните натпревари Манчестер Сити славеше со 3:1 на гостувањето во Копенхаген, а Реал Мадрид минимално го победи Ред Бул во Лајпциг, додека на дамашен терен беа поуспешни Лацио, кој со 1:0 го победи Баерн, а ПСЖ со 2:0 славеше против Реал Сосиедад.

AA
Популарни