Фудбалерите на грчки Олимпијакос сe победници на Конференциската лига откако ја победија Фиорентина со 1:0 по продолженија во финалето на тоа натпреварување одиграно во средата на стадионот на АЕК во Атина.
Голот за првиот европски трофеј на грчки тим го постигна мароканскиот напаѓач Ајуб Ел Кааби во 116. минута.
Тоа беше прво финале во кое било европско клупско натпреварување за Олимпијакос, додека Фиорентина го претрпе петтиот пораз во своето шесто финале и втор по ред во Конференциската лига, со оглед на тоа што „виолите“ и лани стигнаа до финалето на најмладото натпреварување на УЕФА, но тогаш загуби од Вест Хем.
Во основните 90 минути не беше особено возбудлив и богат меч со шанси на двете страни. Фиорентина успеа да постигне гол во 9. минута, но оправдано беше поништен поради офсајд бидејќи Миленковиќ беше чекор понапред од последниот дефанзивец на Олимпијакос.
Во вториот дел најдобрата шанса ја имаше Фиорентина во 69. минута. Одбраната на Олимпијакос не беше сигурна, па Кристијан Куаме остана сам пред голот. Сепак, неговиот удар беше млак, па Цолакис успеа да ја зачува својата мрежа.
Олимпијакос најблиску до гол се најде во 80. минута. По центаршутот од слободен удар, Висенте Ибора беше највисок во скокот, но со глава ја упати топката покрај стативата.
Во првиот дел од продолжението беше забележлив пад во играта на италијанскиот тим, а во 96. минута Јоветиќ одлично биеше од работ од шеснаесетникот кон левиот долен агол од голот на Фиорентина, но Терачиано одлично одбрани.
Кога се чинеше дека победникот ќе го решат ударите од 11 метри, Ел Кааби стана херој на тимот од Пиреја. Мароканецот одлично се снајде пред дефанзивецот на Фиорентина и со глава ја упати топката во мрежата. Прославата беше нарушена со подолга проверка на ситуацијата во ВАР-собата, за да дојде до нов делириум кај навивачите на грчкиот тим при потврдувањето на голот.
Тренерот на Олимпијакос Хозе Луис Мендилибар го освои вториот европски трофеј за една година откако лани ја предводеше Севиља до уште една титула во Лига Европа. Грците со овој трофеј заработија и билет за групната фаза од Лигата на Европа за следната сезона.
Од друга страна, тренерот на Фиорентина, Винченцо Италијано се прости од клубот со нов тесен пораз во финалето на Конференциската лига.
Сите финалиња на Конференциската лига
2022 Тирана: Рома - Феенорд 1:0 (Заниоло 32)
2023. Прага: Вест Хем Јунајтед - Фиорентина 2:1 (Бенрахма 62-11м, Бовен 90 / Бонавентура 67)
2024. Атина: Олимпијакос - Фиорентина 1:0 (Ел Кааби 116)