Ова е шеста титула за Конектикат во НЦАА историјата / Photo: Reuters

Кошаркарите на Универзитетот во Конектикат ја одбранија титулата шампион на НЦАА, откако во финалето на завршниот турнир што се играше на стадионот во Глендејл, Аризона, го совладаа Пердју со 75:60 (36:30).

Најдобар во победничкиот тим беше Тристан Њутн со 20 поени, 7 асистенции и 5 скока, додека во Пердју најефикасен беше најдобриот колеџ кошаркар во сезоната, 224 сантиметри високиот канадски центар Зак Едеј со 37 коша и 10 скока.

Средбата беше изедначена во првото полувреме, во кое екипите наизменично се менуваа во водство, но на крајот од тој дел од играта, Конектикат веќе успеа да се одлепи за да создаде двоцифрена предност на самиот почеток од вториот дел, кое го задржаа до крај.

Ова е втора последователна титула за Конектикат, но оваа ја освоија на уште подоминантен начин од минатата година. Лани во шесте натпревари од завршниот турнирот победуваа со просек од 20 поени разлика, а најмалата беше 13, додека годинава победуваа со просечни 23,33 поени разлика, а најмалата беше 14.

По Флорида во 2006 и 2007 година Конектикат стана првиот универзитет кој освоил две последователни титули, а ова е негова шеста титула во НЦАА историјата(1999, 2004, 2011, 2014, 2023, 2024).

Пердју, од друга страна, остана на една шампионска титула освоена во 1932 година, односно пред формирањето на завршниот турнир.

Ова беше втор настап на универзитетот во финалето од овој формат и втор пораз, откако претходно го загуби финалето во 1969 година од УЦЛА.

TRT Balkan / агенции
Популарни