Грчки ПАОК беше поразен со минимални 1:0 на гостувањето кај Клуб Бриж во првиот натпревар од четврт-финалето на Конференциската лига.
Победата за белгискиот тим ја донесе Хуго Ветлесен со гол веќе во 6. минута од натпреварот. Сепак, јунак на Грците беше хрватскиот голман Доминик Котарски, кој во 58. минута го запре ударот на Феран Јутгла од непосредна близина, а 20 минути подоцна ја прочита намерата на Бразилецот Тиаго и му го одбрани ударот од белата точка.
И француски Лил ќе брка гол пред своите навивачи, откако Астон Вила победи со 2:1 во Бирмингем. Оли Воткинс го доведе англискиот тим во водство во 13. минута, кое го удвои Џон Мекгин во 56. минута.
На Лил му беше поништен гол во 63. минута поради минимален офсајд, но Французите во 84. минута преку Бафоде Диаките постигнаа гол за конечни 2:1.
Фудбалерите на Олимпијакос пред своите гледачи го победија Фенербахче со 3:2 (2:0), но Турците успеаја да дојдат до активен резултат каков има и Фиорентина откако одиграа 0:0 против Викторија во Пилсен.
Италијанскиот тим имаше повеќе топка во своите нозе и беше нешто поопасен, па со поголем оптимизам може да го чека реваншот на својот стадион Артемио Франки кој ќе се игра за една недела.
На натпреварот меѓу Олимпијакос и Фенербахче головите за грчкиот тим ги постигнаа Константинос Фортунис во 8. минута, Стеван Јоветиќ во 32. минута и Чикињо во 57. минута.
Стрелци за тимот од Истанбул беа Душан Тадиќ во 67. минута од пенал и Ирфан Кахвечи во 74. минута.