Лидерот во германското фудбалско првенство Баер од Леверкузен со чудесен пресврт во судиското надополнување се пласираше во четвртфиналето на Лига Европа, совладувајќи го на домашен терен Карабаг од Азербејџан со 3:2 (0:0) со двата гола на Патрик Шик.
По 2:2 во првиот натпревар, гостите од Азербејџан дојдоа на дофат на сензација поведувајќи во реваншот 2:0 со головите на Зубир (58) и Жунињо (67). Но во меѓувреме останаа со играч помалку, а Фримпонг (72) успеа да го врати Баер во игра. Сепак, резултатот не се промени до судиското продолжение и кога Карабаг беше на само секунди до сензацијата, се појави Шик (90+3, 90+7) и направи пресврт со два гола од непосредна близина.
Во пресврт, но не толку драматичен, во четвртфиналето се пласираше и Аталанта, која во Бергамо го совлада Спортинг од Лисабон со 2:1 (0:1), што заедно со 1:1 од првиот меч беше доволно за пласман. Педро Гонкалвеш (34) го доведе Спортинг во водство, но Лукман (46) и Скамака (59) погодија во вториот дел за Аталанта.
Брајтон забележаа пирова победа од 1:0 против Рома, но италијанскиот тим се пласираше поради победата од 4:0 во првиот натпревар, додека Ливерпул ја победи Спарта Прага со 6:1 и се пласираше со вкупен резултат 11:2.
По ремито 2:2 во Лисабон во првиот натпревар, Бенфика го елиминираше шкотскиот Ренџерс победувајќи со 0:1 на Ајброкс Парк со голот на Рафа Силва (70).
Марсеј за малку ќе ја загубеше предноста од 4:0 од првиот натпревар против Виљареал, откако шпанскиот тим во реваншот стигна до 3:0. Но во судиското надополнување францускиот великан сепак постигна гол за потврда на пласманот во 1/4 финалето.
Милан беше подобар од Славија и на реваншот во Прага. По 4:2 во Милано, во реваншот беше 1:3 за италијанскиот гигант за сигурни вкупни 7:3.
Вест Хем како домаќин го декласираше Фрајбург со 5:0 и со тоа во голема мера ја надополни негативата од 0:1 од првиот натпревар.
Во петок од 13 часот ќе се изврши ждрепката за четвртфиналето и полуфиналето.