Единствениот гол за Фенербахче го постигна Ел Несири по асистенција на Џеко / Photo: AA

Во најинтересните вчерашни натпревари од 4. коло на Лига Европа, Галатасарај го совлада Тотенхем со 3:2, Хофенхајм и Лион одиграа 2:2 со два гола во судиското надополнување, Манчестер Јунајтед го совлада ПАОК со 2:0, додека АЗ победи со 3:1 против Фенербахче.

По првото полувреме без голови, во второто полувреме во Хофенхајм имаше одличен фудбал.

Германскиот тим поведе уште во првата минута од продолжението со голот на Гендреј, но Лион израмни во 66. Минута преку Абнер. Во третата минута од судиското надополнување гостите го свртеа резултатот. По еден корнер, Чалета-Цар му асистираше на Александре Лаказет, кој постигна одличен гол за 2:1. И додека се уште траеше славјето на гостинската клупа, Хофенхајм израмни, а херој стана Умут Тохумку.

Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ го скрши отпорот на гостите во вториот дел.

„Црвените ѓаволи“ поведоа во 50. минута, Бруно Фернандеш нафрли на Диало кој убаво го лобуваше Котрарски. Девет минути подоцна Диало можеше да го постигне вториот гол, но Котарски одлично го одбрани неговиот удар. Сепак, во 77. минута Диало стави точка на „и“ погодувајќи брилијантно за 2:0.

Три бода дојде и АЗ Алкмар совладувајќи го Фенербахче со 3:1.

Домашните поведоа во 59. минута, Трој Парот нафрли од десната страна, а Ро Занџело Дал погоди покрај немоќниот Доминик Ливаковиќ.

Фенер само три минути подоцна имаше можност да израмни од пенал, но ударот на Јусеф Ен Несири го одбрани Овусу-Одуро.

Мароканскиот напаѓач се поправи за промашувањето во 70. минута, постигнувајќи гол со глава за 1:1 на асистенција на Един Џеко. Сепак, радоста на гостите кратко траеше, бидејќи АЗ дојде до нова предност во 75. минута по одличниот продор и прекрасниот гол на 18-годишниот Кит Смит. Победата на тимот од Алкмар ја донесе Денсе Касиус погодувајќи за 3:1 на асистенција на Смит во 87. минута.

Ајакс го декласираше Макаби Тел Авив со 5:0, Викторија Плзен изненадувачки победи против Реал Сосиедад со 2:1, Лацио го победи Порто со 2:1 со голови во судиското надополнување во првото и второто полувреме.

Претходно вчера Галатасарај во Истанбул го победи Тотенхем со 3:2.

Иако резултатот не го открива тоа, турскиот тим беше доминантен и можеше да слави далеку поубедливо. Турците упатија дури 28 удари, од кои 10 во рамките на противничкиот гол, додека гостите имаа само пет удари, од кои три кон голот.

Тоа беше петта последователна победа на Галатасарај во сите натпреварувања, а 12-ти меч по ред без пораз. Последен пат Галата загуби од Јунг Бојс во плеј-офот од Лигата на шампионите на крајот на август.

Домашните поведоа во шестата минута со голот на Јунус Акгун, но Вилијам Ланкшир израмни во 19. минута. Продолжението од првиот дел помина во целосна доминација на турскиот тим. Виктор Осимхен погоди за 2:1 во 31. минута, а истиот играч го постигна својот втор гол на натпреварот осум минути подоцна.

Осимхен имаше уште неколку одлични можности до крајот на мечот, но не успеа да постигне трет гол. Нови проблеми за лондонскиот тим пристигнаа во 60. минута кога 19-годишниот Ланкшир за седум минути собра два жолти картони и со тоа црвен картон, расипувајќи ја солидна претстава во првото полувреме крунисано со гол. Во моменти кога се чинеше дека домаќинот ќе постигне четврти гол, Спарс ја намалија негативата во 70. минута со голот на Доминик Соланке.

Ајнтрахт во Франкфурт ја победи Славија Прага 1:0 со голот на Омар Мармуш во 53. минута. Египетскиот напаѓач постигна одличен гол од слободен удар.

Ројал Унион Сен-Жилоаз и Рома ремизираа 1:1, а со истиот резултат заврши и натпреварот Олимпијакос - Ренџерс.

На табелата во водство е Лацио со 12 бодови, пред Ајакс, Галатасарај, Ајнтрахт, Андерлехт и Атлетик Билбао со по 10 бодови.

На последните две места без бодови се Макаби Тел Авив и Динамо Киев.

TRT Balkan / агенции
Популарни