По три одиграни кола во Лигата на Конференции, шест клуба имаат максимални девет бода, а најубедливата победа вчера ја оствари Челзи, кој на Стемфорд Бриџ го совлада ерменскиот Ноа со 8:0.
„Сините“ на полувремето веќе имаа 6:0, а потоа Нкунку во продолжение постигна уште два гола, вториот од пенал. Челзи постигна 16 гола во три кола (16-3) и е убедливо најдобар.
Сепак, Легија Варшава остана без примен гол во три кола и со гол разлика 8-0 го следи лондонскиот клуб.
Меѓу клубовите со максимален учинок е и Виторија Гимараеш која со 2:1 ја совлада Млада Болеслав. Тиаго Силва (40-11м) и Ривас Вионди (59) беа стрелци за португалскиот тим.
Фудбалерите на ТСЦ од Бачка Топола го совладаа Лугано со 4:1 и со тоа остварија историска, прва победа во групната фаза од едно европско натпреварување.
По три кола, ТСЦ сега има три бода и моментално е на 23. позиција.
Домашните поведоа во 5. минута со прекрасниот гол на Петар Станиќ. Предноста на ТСЦ ја зголеми Милош Пантовиќ во 59. минута.
Мохамед Белхаѓ во 61. минута намали на 2:1, но Станиќ со вториот гол на натпреварот во 62. минута зголеми на 3:1.
Конечниот резултат во 83. минута го постави Пантовиќ со неговиот, исто така втор гол на натпреварот.
Фудбалерите на Борац од Бања Лука, пак, беа поразени во Исланд од Викингур со резултат 2:0.
Викингур до победата го предводеше Карл Фридлејфур Гунарсон, кој во 17. минута асистираше на Николај Хансен, а во 23. беше стрелец.
Борац по две кола остана на четири бода и моментално е на 12-то место.
Башакшехир го освои својот прв бод откако ремизираше 2:2 со Копенхаген на гостински терен. Турскиот тим дојде до водство во 26. минута со голот на Филип Кени, а предноста од 1:0 ја задржаа на полувремето.
Копенхаген израмни во 79. минута со ударот на Амин Чиаха.
Сепак, Башакшехир возврати брзо, кој повторно дојде во водство во 80. минута преку Кшиштоф Пјатек. Но драмата продолжи кога Чиаха го постигна својот втор гол на натпреварот само три минути подоцна, израмнувајќи го резултатот на 2:2.
Ремито го остава Башакшехир со еден бод во групата, додека Копенхаген се искачи на два бода.
Австриски ЛАСК имаше играч повеќе во текот на второто полувреме, но не успеа да постигне гол против Серкл Бриж, па секоја екипа освои по бод.
ЛАСК е на 30. место со само два бода во конкуренција на 36 екипи.
Бетис едвај успеа да победи со 2:1 против Целје во Севиља.
Гол за домашните постигна Натан во 75. минута, а израмни Хуанхо Нието во 81. минута. Во четвртата минута од додаденото време, Хуанми му ги донесе сите три бода на Бетис, кој со четири бода скокна на 18. место.
Ѓургарден пред своите гледачи го победи Панатинаикос со 2:1, иако атинскиот тим поведе во 17. минута со голот на Филип Ѓуричиќ. Гуликсен (49) и Хамет (72) направија пресврт во вториот дел.
Панатинаикос е на 31. позиција со само еден бод.