Англиската репрезентација со победата од 0:3 на Олимпискиот стадион во Атина им се одмазди на Грците за поразот (1:2) на „Вембли“ пред еден месец во Лига Б / Photo: Reuters

Фудбалските репрезентации на Италија и Франција се пласираа во четвртфиналето на овосезонското издание на Лигата на нации, откако Италијанците во Брисел ја победија Белгија со 1:0, а Французите на „Стад де Франс“ одиграа 0:0 против Израел. Сандро Тонали беше стрелец во 11. минута за победа на Италија на гостувањето во Белгија, со која белгиските фудбалери и математички ги загубија шансите за пласман во четвртфиналето.

Ним им преостанува борбата да го задржат статусот во елитната класа на Лигата на нации.

За три дена Италијанците во Милано ќе ги пречекаат Французите, кои во четвртокот не успеаја да го победат Израел во меч кој беше опкружен со големи тензии поради пропалестинските протести на улиците на Сен Дени.

Дуелот се одигра, а Французите не успеаја да постигнат гол, иако беа надмоќни во текот на целиот дуел. На Италијанците во недела ќе им биде доволен бод за освојување на првото место во групата, а до него можат да стигнат и со минимален пораз, бидејќи славеа со 3:1 на гостувањето во Франција.

Англиската репрезентација со победата од 3:0 на Олимпискиот стадион во Атина им се одмазди на Грците за поразот (1:2) на „Вембли“ пред еден месец во Лига Б.

Оли Воткинс ги доведе гостите во водство во 7. минута. Англичаните со малку среќа поведоа со 2:0, бидејќи топката се одби од стативата по ударот на Џуд Белингем, но за жал на домашните, таа заврши во голот на голманот Влаходимос. Конечните 3:0 ги постави Кертис Џонс во 83. минута.

Англичаните и Грците имаат по 12 бода, но Англија е подобра во меѓусебните мечеви, па секоја победа против Ирска на „Вембли“ во недела ќе им биде доволна за враќање во елитната група.

Во последното коло Грците гостуваат кај Финска, која нема бодови и се сели во Лигата Ц. Норвешка со убедливата победа од 1:4 на стадионот Стожице во Љубљана обезбеди плеј-оф за пласман во Лига А.

Норвежаните им го нанесоа првиот домашен пораз на Словенците по повеќе од две години со двата гола на Антонио Нуса (4, 59) и по еден на Ерлинг Халанд (45) и Јенс Хауге (82). Голот за Словенците го постигна Бенјамин Шешко (21) од пенал.

Норвежаните и Австријците, кои победија со 0:2 на гостувањето во Казахстан имаат по 10 бода, а Словенија е трета со седум. Норвежаните во последното коло го пречекуваат Казахстан, а Австрија е домаќин на Словенија. Доколку Словенците успеат да ги победат Австријците, а Норвежаните добијат барем бод против Казахстанците, Словенија ќе го освои второто место во групата и ќе учествува во плеј-офот за пласман во елитната класа на Лигата на нации.

Вчера се одиграа и натпреварите во Лига Ц, Група 4 во кои македонските фудбалери ја совладаа Летонија со 1:0, а Ерменија загуби со истиот резултат дома од Фарски Острови.

Со победата македонската репрезентација го обезбеди првото место во групата и пласман во Лига Б.

TRT Balkan / агенции
Популарни