Хрватска и Данска се последните учесници во четвртфиналето на Лигата на нации на УЕФА откако двете екипи освоија по бод во натпреварите против Португалија и Србија.
Хрватската фудбалска репрезентација во последното коло од групата 1 во Сплит одигра 1:1 против Португалија пред 33.386 гледачи.
На Хрватите им требаше барем бод во последните 90 минути од групното натпреварување за да го обезбеди второто место пред Шкотска и зад недостижната Португалија. Иако гостите поведоа, хрватските репрезентативци успеаја да израмнат, со што освоија клучен бод за четвртфиналето.
На крајот Хрватска го освои второто место со осум бодови, шест помалку од Португалија. Во вториот меч од вечерта, Шкотска во Варшава ја победи Полска со 1:2, со што се искачи на третото место со бод помалку од Хрватска.
Португалија поведе во 33. минута со голот на Жоао Феликс, а гостите имаа уште неколку одлични можности во првото полувреме. Најблиску до гол домаќините се доближија во 40. минута кога Крамариќ ја погоди стативата.
Во 63. минута Хрватска успеа да ја затресе противничката мрежа, но Јошко Гвардиол беше во офсајд. Но само три минути подоцна истиот фудбалер погоди за 1:1 по центаршутот на Јакиќ. Во судиското продолжение Хрватска можеше да победи, но Будимир ја погоди стативата.
Шкотска извојува пирова победа во Варшава.
Шкотите поведоа во 3. минута со голот на Џон Мекгин. Гостите можеа да ја зголемат предноста во 44. минута, но Скот Мектоминај од работ на шеснаесетникот ја погоди левата статива. Израмни Камил Пјатковски во 59. минута. Ендрју Робертсон им ја донесе победата на гостите во третата минута од судиското надополнување.
Со оваа победа Шкотите ја прескокнаа Полска и ќе играат во баражот за останување во елитната лига, додека Полјаците се селат во понизок ранг од натпреварувањето.
Во интересен натпревар со многу возбудувања, но за жал без голови Србија и Данска во Лековац ги поделија бодовите, но домаќините поради два жолти картони остана без Павловиќ во финишот на натпреварот.
Шпанија, пак, ја победи Швајцарија со 3:2 за перфектен настап и шести триумф во шест меча.
На крајот Србија остана на третото место со шест бодови, Данска е втора со осум, Шпанија е прва со 16, додека последна е Швајцарија која ќе се пресели во Лигата Б.
Српската фудбалска репрезентација ќе се бори во баражот за опстанок во А лигата.
По вечерашните натпревари познати се патниците во четвртфиналето на Лигата на нации.
Шпанија, Германија, Португалија и Франција како победници во групите ја освоија позицијата на носители, додека неносители се Хрватска, Италија, Холандија и Данска.
Ждрепката за четвртфиналето е на 22 ноември во Нион, а натпреварите ќе се играат на 20 и 23 март.
Фајнл-форот ќе се одржи на почетокот на јуни следната година.
Во Лига Ц во Групата 2 Косово ја победи Литванија со 1:0, а Романија беше подобра од Кипар со 4:1. Романија е прва со 15 бода пред Косово со 12, а двете репрезентации играат еден против друг во последното коло.
Во Групата 3 Бугарија и Белорусија одиграа 1:1, а реми имаше и во Луксембург, каде домаќините одиграа 2:2 со Северна Ирска.
Првото место го освои Северна Ирска со 11 поени, втора е Бугарија со 9, пред Белорусија со 7 и Луксембург со 3 бода.