Фудбалерите на Борусија Дортмунд славеа синоќа пред домашната публика против Париз Сен Жермен (ПСЖ) со резултат 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на УЕФА Лигата на шампиони.
Домаќините поведоа во 36. минута кога Никлас Филкруг извонредно ја прими топката од Нико Шлотербек и рутински го совлада голманот на ПСЖ, Џанлујџи Донарума.
Неколку минути подоцна Дортмунд имаше уште една можност да го зголеми водството, кога Марсел Сабицер добро се намести и шутираше на голот на ПСЖ, но овој пат Донарума беше добро поставен и го спречи погодокот.
ПСЖ беше многу поопасен во второто полувреме. Во нападот што следуваше во 51. минута Ашраф Хакими и Килијан Мбапе му се заканија на голманот на домаќините, но и двајцата успеаја само да ја погодат стативата.
Напаѓачот Никлас Филкруг во 60. минута имаше извонредна можност да го постигне својот втор погодок, но по неговиот удар топката замина над голот.
Хакими во 79. минута прати извонредна топка до Усман Дембеле, но тој не се снајде најдобро и шутираше над голот. И двата тима имаа уште по неколку можности до крајот на средбата, но немаше промена во резултатот.
Реванш средбата меѓу ПСЖ и Дортмунд ќе се игра на 7. мај во Париз.
Во вторникот, во првото полуфинале Баерн Минхен и Реал Мадрид одиграа нерешено 2:2.