По поразот од Барселона во Ел Класико, Реал претрпе уште еден убедлив пораз пред своите навивачи, овој пат од Милан / Photo: Reuters

Потоп на фаворите во првата вечер од 4. коло од лигашкиот дел од Лига на шампиони; Милан го победи Реал со 3:1 во Мадрид, Спортинг го победи Манчестер Сити со 4:1 во Лисабон.

Тимот на Пеп Гвардиола претрпе три последователни порази во една недела, што е невидено за време на неговото осумгодишно владеење во Манчестер Сити. Најпрвин беше поразен во Карабао купот од Тотенхем (2:1), во првенството од Бурнмаут (2:1), а на стадионот Хозе Алваладе во Лисабон, шведскиот напаѓач Виктор Гиокереш постигна хет-трик, иако Сити поведе во 4.минута со голот на Фил Фоден.

Тренерот на Спортинг, Рубен Аморим не можеше да замисли подобро збогување од Спортинг, како и подобра најава за неговото претстојно доаѓање на „Олд Трафорд“, во црвениот дел на Манчестер.

Откако Барселона го нокаутираше Реал Мадрид во Ел Класико пред неговите навивачи во домашниот шампионат, Милан изненадувачки го направи истото во Лигата на шампионите, клубот во кој Карло Анчелоти освојуваше трофеи и како играч и како тренер.

Тиау го доведе Милан во водство во 12. минута. Израмни Винисиус Жуниор во 23. минута од пенал. Алваро Мората погоди за својот поранешен клуб во 39. минута и повторно му донесе предност на Милан. Конечните 3:1 ги постави Холанѓанецот Тијани Рајндерс во 73. минута. Реал постигна гол за надеж во 81. минута, но голот на Рудигер подоцна беше поништен со интервенција на ВАР поради офсајд.

Борусија не дозволи изненадување, иако Штурм имаше 0:0 во Дортмунд до 86. минута. Тогаш Дониел Мален на асистенција на Серху Гираси им донесе победа на минатогодишните финалисти во Лигата на шампионите.

Се славеше и на Селтик Парк, каде шкотскиот шампион го совлада фаворизираниот РБ Лајпциг со 3:1, што е четврти пораз за Германците во новиот формат на Лигата на шампионите.

Болоња пред своите гледачи беше поразена од Монако со минимални 1:0, а три бода на гостите им донесе Тило Керер со голот во 86. минута.

Најубедливата победа на вечерта ја оствари Ливерпул, кој на „Енфилд“ го совлада Баер Леверкузен со 4:0, оставајќи го актуелниот германски шампион без гол втор натпревар по ред.

Луис Дијаз го отвори резултатот во 61. минута. Само две минути подоцна Коди Гакпо го удвои водството. Дијаз го постигна вториот гол во 83. минута, а хет-трикот го комплетираше во втората минута од додаденото време. Ливерпул е првиот тим што ја завршил половината од лигата со максимални 12 бода, а може да им се приклучи само Астон Вила доколку во среда победи на гостувањето кај Клуб Бриж.

Единствениот натпревар во кој немаше победник во вторникот се одигра во Лил.

Истоимената домашна екипа поведе во 27. минута со голот на Џонатан Давид, а Душан Влаховиќ во 60. минута реализираше пенал и му донесе бод на Јувентус.

Претходно во терминот од 19 часот Фудбалерите на Динамо Загреб ја остварија втората последователна победа на гостински терен во Лигата на шампионите совладувајќи го Слован во Братислава со убедливи 4:1 (2:1).

Слован поведе во 5. минута со голот на Давид Стрелец, по прецизно изведен контранапад. Дарио Шпикиќ во 10. минута го постигна израмнувачкиот гол по пробивањето по десната страна. Динамо поведе со 2:1 во 30. минута, кога Петар Сучиќ со глава погоди по центаршут на Марко Пјаца од левата страна. Победата на Динамо ја „зацементира“ Сандро Куленовиќ со головите во 54. и 72. минута.

Динамо за првпат во Лигата на шампионите оствари две последователни гостински победи и со седум бода по четири одиграни натпревари привремено се најде на 10. место, додека Слован е на последното место со четири порази и гол разлика 2-15.

Во вториот натпревар од 19 часот, ПСВ победи против Жирона во Ајндховен со 4:0 головите на Рајан Фламинг (16), Малик Тилман (33), Јохан Бакајок (84) и автогол на Ладислав Крејчи (87).

TRT Balkan / агенции
Популарни