Фудбалерите на Атлетико Мадрид остварија голема победа во Париз во четвртото коло од Лигата на шампионите, со гол во 93. минута за триумф од 1:2 против ПСЖ.
Атлетико ја оствари втората победа и сега има шест бода, додека ПСЖ остана на само четири бода.
ПСЖ поведе во 14. минута кога Заир-Емери го лобуваше голманот Облак и ги воодушеви домашните навивачи. Иако парижаните беа подобри во текот на првото полувреме, гостите од Мадрид успеаја да се вратат резултатски по одличниот удар на Молина во 18. минута.
ПСЖ напаѓаше и во продолжението, но не успеа да го скрши силниот мадридски тим. Дополнително, во 93. минута почна контранападот на Атлетико, Гризман одлично му асистираше на Кореа, кој ја замолкна публиката во Париз.
Во Милано, Интер го победи Арсенал со 1:0 и со тоа ја оствари третата победа, додека Арсенал го претрпе првиот пораз.
Гол вреден три бода постигна турскиот фудбалер Хакан Чалханоглу, кој беше мирен и прецизен од белата точка во третата минута од судиското надополнување на првото полувреме.
Во текот на целото второ полувреме Арсенал напаѓаше, се закануваше и бараше израмнување, но Интер остана цврст до крајот.
Втората победа ја оствари Баерн кој на својата Алијанц Арена ја совлада Бенфика со минимални 1:0. Баерн целосно доминираше, но гостите од Лисабон даваа отпор до 67. минута кога Мусијала погоди со глава.
Третата сезонска победа ја оствари Барселона, која лесно ја совлада Црвена звезда во Белград и славеше со 5:2.
Барселона од самиот почеток тргна со жестоки напади кои вродија со плод веќе во 11. минута кога Иниго Мартинез со глава погоди з 1:0. Црвена звезда не се предаваше, па во 27. минута Мвумпа по убавата асистенција на Круниќ погоди за 1:1. Сепак, гостите од Шпанија на пауза заминаа со предност, а стрелец за 2:1 беше Левандовски во 43. минута.
Победникот беше решен на почетокот на вториот дел. Барселона набрзина постигна два гола, стрелци беа Левандовски и Рафиња, а Кунде асистираше во двата случаи. До крајот секоја екипа постигна по еден гол, а Кунде уште една асистенција за гостите.
По четири кола Аталанта има две победи и две нерешени и сѐ уште е без примен гол.
Овој пат клубот од Бергамо победи на гостувањето кај Штутгарт со 2:0. Стрелци беа одличниот Лукмен во 51. минута и Заниоло во 88. минута.
Салцбург, кој до ова коло беше без победа и постигнат гол ја прекина негативата во Ротердам каде со 1:3 го победи Феенорд.
Херој на австрискиот тим беше двојниот стрелец Конате кој погоди во судиското надополнување на првото полувреме и во 58. минута.
Во 79. минута Феенорд остана со играч помалку и така бројно послаб успеа да намали.
Во 81. стрелец за 1:2 беше Муса. Сè беше решено пет минути подоцна. Конате не го реализираше пеналот, но во следниот напад Гуиндо одличнопогоди под гредата за конечни 1:3.
Брест продолжува да игра добро во Лигата на шампионите, францускиот тим по четири настапи има три победи и едно реми. Оваа среда, во Прага, Брест ја совлада Спарта со 1:2 со голот на Фернандес во 37. минута и автогол на Каиринен во 79. минута. Стрелец за домашните беше Олатуњи во 92. минута.
Во првите два натпревари од четвртото коло во средата, Клуб Бриж ја победи Астон Вила со 1:0 како домаќин, додека Шахтјор го совлада Јанг Бојс со 1:2 во Гелзенкирхен.
Пред доаѓањето во Белгија, Астон Вила ги имаше сите три победи, со тоа што не прими ниту еден гол. Позитивната серија престана, а Клуб Бриж ја оствари втората победа.
Клуб Бриж го постигна единствениот гол во 52. минута и тоа на бизарен начин. Стрелец беше Ванакен од пенал, но на се' претходеше вистинската глупост на Мингс, дефанзивецот на Астон Вила. Голманот на гостите Мартинез го започна нападот и му ја додаде топката на Мингс, кој ја фати во раце и се врати на стартната позиција за напад. За судијата Штилер немаше дилема и покажа на белата точка.
Шахтјор во Гелзенкирхен стигна до првото славје по едно реми и два порази. Јанг Бојс го претрпе четвртиот пораз, а двата клуба оваа среда погодија за прв пат во Лигата на шампионите оваа сезона.