Стрелец на победничкиот гол, негов првенец во репрезентацијата, беше дефанзивецот Никола Серафимов / Photo: Фудбалска репрезентација на Македонија Фејсбук

Фудбалската репрезентација на Македонија забележа победа над Летонија со 1:0 и по пет кола официјално го обезбеди првото место во групата во Лигата на нациите.

Првпат во историјата имаме и низа од четири победи по ред, сите без примен гол, и првпат ќе играме во Лига Б од Лигата на нации каде има одлични репрезентации, досега бевме или во Лига Ц или Лига Д.

Последен пат Димитриевски ја вадеше топката од мрежа во септември кога гостувавме кај Фарски острови и тоа во 9-тата минита од тој меч кога Македонија прими гол од пенал. Од игра, Македонија нема примено гол сезонава во Лигата на нации.

Македонските фудбалери имаа многу работа за да го скршат гостинскиот отпор на Арената „Тодор Проески“, меѓутоа со голот на Никола Серафимов дојде до трите бода потребни за заверка на водечката позиција во групата Ц4.

Во шестата минута, Чурлинов одзеде топка во полето на противникот, но Трајковски шутираше крај голот.

Пет минути подоцна, Алиоски нафрли од левата страна, а Чурлинов со удар со глава беше за малку непрецизен.

По 15 минути игра првпат се закани и Летонија. По центаршутот од левата страна, топката ја одби Димитриевски, на неа налета Савалниекс, но за среќа не беше прецизен.

На средината од првиот дел, хендикеп за Македонија. Елиф Елмас пријави повреда и мораше да биде повлечен од игра, а на негово место влезе Лирим Ќамили.

До крајот на првиот дел, Исник Алими имаше одлична шанса во последните мигови, но не успеа да реализира од десетина метри.

На самиот старт на второто полувреме, Бојан Миовски упати силен удар од 16 метри, но за малку над голот на Летонците.

Во 47-та минута, Алиоски одлично уфрли на петерецот, а Ќамили од непосредна близина не ја уфрли топката во мрежата.

Тоа беше најава за водството на Македонија. Во 57-та минута, по корнерот од десната страна, најснаодлив беше Никола Серафимов на вториот дирек и успеа да погоди на вистинското место за предност од 1-0.

По постигнатиот гол. мирна игра на нашиот национален тим, а Лирим Ќамили во 82-та минута имаше можност и за втор погодок, но шутираше директно во противничкиот голман.


TRT Balkan / агенции
Популарни