Мбапе беше стрелец на еден гол во победата на ПСЖ од 2:0 над Реал Сосиедад / Photo: Reuters

Лацио го изненади Баерн, а ПСЖ без проблеми славеше против Реал Сосиедад во вчерашните два натпревари во осминафиналето на Лигата на шампиони.

Лацио на Олимпико во Рим го победи Баерн со 1:0.

Чиро Имобиле го постигна решавачкиот гол на натпреварот во 69. минута од пенал по прекршокот од Упамекано, кој притоа заработи црвен картон. Реваншот е на 5 март во Минхен.

Првата шанса ја имаа гостите, во седмата минута во одлична позиција се најде Хари Кејн, но лошо шутираше над гредата. Во 22. минута домашните првпат се заканија, Луис Алберто шутираше од 25 метри, но го промаши голот.

Во 32. минута Лерој Сане се обиде со шут, но повторно немаше реална опасност за домашниот гол. Осум минути подоцна шутираше и Џамал ​​Мусиала, но непрецизно.

На отворањето на вториот дел голема шанса имаше Лацио. Упамекано погреши и ја загуби топката. Алберто проигра покрај Густав Исаксен, кој шутираше сам пред Мануел Ноер, но германскиот голман извонредно реагираше.

Клучниот момент се случи во 67. минута кога Упамекано направи нова грешка. Го собори Исаксен во казнанеиот простор и францускиот судија Франсоа Летексие му покажа црвен картон.

Чиро Имобиле беше прецизен од белата точка и го постигна 206. гол во дресот на римскиот клуб.

Во самата завршница Лацио можеше и поубедливо да слави. Во 89. минута Фелипе Андерсон имаше одлична шанса, но лошо реагираше. Ниту Педро не искористи добра шанса во втората минута од судиското надополнување, па Баварците можат да бидат среќни што од Рим си заминуваат со само гол негатива.

Интересно, Баерн упати 15 удари кон голот на римскиот клуб, но ниту еден не ја погоди целта.

Пари Сен Жермен во Париз го совлада Реал Сосиедад со 2:0 и дојде до голема предност пред реваншот во Сан Себастијан, Шпанија.

Парижаните очекувано имаа статус на фаворити пред почетокот на мечот, но од статистичка гледна точка немаа многу причини да бидат задоволни по првото полувреме со оглед на тоа што во првите 45 минути домаќините испратија само еден удар кон голот на гостите.

Баскијците во почетната фаза од натпреварот прилично го изненадија ПСЖ, на што требаше долго време да се најде лек за многу добрата игра на шпанскиот претставник.

Гостите оваа сезона по 10 години се вратија во најугледното европско клупско натпреварување и не славеа на последните четири средби, но Реал Сосиедад својата многу добра игра можеше да ја круниса со гол на крајот од првото полувреме. Мерино по одличен удар од дваесетина метри наместо во мрежата ја погоди гредата.

Продолжението започна во слична атмосфера како и првото полувреме, Шпанците бестрашно ја бараа секоја прилика да постигнат гол, додека во играта на домаќинот сѐ зависеше од инспирацијата на Мбапе, кој се претвори во човек на одлука во 58. минута кога го искористи невниманието на Кубо и погоди од непосредна близина.

Мбапе за само неколку минути имаше уште една можност, но ја погоди гредата. Конечниот резултат го постави Баркола во 71. минута.

На 21 и 22 февруари се играат и преостанатите четири натпревари од осминафиналните дуели: Порто- Арсенал, Наполи- Барселона, Интер- Атлетико Мадрид и ПСВ- Борусија Дортмунд.

TRT Balkan / агенции
Популарни