Надежите на Интер дека со реми ќе се пласира во четвртфиналето се распрснаа во 87. минута кога Депај му донесе водство на Атлетико / Photo: Reuters

Фудбалерите на Атлетико се последните четвртфиналисти во Лигата на шампионите откако по подобро изведување пенали во Мадрид го победија Интер со 3:2 (2:1, 1:1). На првата средба во Милано, Интер победи со 1:0.

Хероите на Диего Симеоне синоќа во фотофиниш ѝ се придружија на Борусија Дортмунд, која во регуларното време ја заврши работата совладувајќи го ПСВ со 2:0.

Во реваншот од осминафиналето на ЛШ, Атлетико успеа да ја прекине серијата на Интер од 13 победи во оваа календарска година со победа од 2:1, а потоа со подобро изведување пенали.

Натпреварот подобро почна за гостите, кои со голот на Димарко во 33.минута дојдоа во водство, но само две минути подоцна Гризман го изедначи резултатот со кој се замина на пауза.

Надежите на Интер дека со реми ќе се пласира во четвртфиналето се распрснаа во финишот кога Депај во 87. минута му донесе водство на Атлетико и го однесе мечот во продолженија.

Дополнителното време не донесе голови, па победникот го решаваа пеналите. Херој на Шпанците беше Јан Облак, кој им одбрани пенали на Санчез и Класен, додека Сомер на спротивната страна среќно го скроти ударот на Нигуез. Трагичар на мечот беше капитенот на Интер, Лаутаро Мартинез кој шутираше превисоко во решавачкиот шут.

Со пласманот на Борусија Дортмунд во четвртфиналето, Германија на ждрепката ќе има две екипи, заедно со Баерн.

Резултатот сугерира дека тоа беше рутинска работа за црно-жолтите, но не беше така. Сепак, раното водство со голот на Санчо во 3. минута остана недостижно за Холанѓаните, чија судбина ја запечати Ројс во 5. минута од судиското надополнување.

По сите одиграни натпревари, ова се осумте четвртфиналисти: Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Барселона, Арсенал, Манчестер Сити, Баерн, Реал Мадрид и ПСЖ.

Гигантите на европскиот фудбал сега ја чекаат ждрепката за четвртфинале која ќе се одржи во Нион во петок од 12 часот.

TRT Balkan / агенции
Популарни