Реал Мадрид славеше со 5:1 против Ред Бул Салцбург / Photo: AA

Во дербито на седмото коло од Лигата на шампионите, ПСЖ на „Паркот на принцовите“ го совлада Манчестер Сити со 4:2, иако „Граѓаните“ водеа со 2:0.

Францускиот и англискиот шампион влегоа во мечот на работ на испаѓање од натпреварувањето. Сити е на 24. место со осум бодови, а ПСЖ е на 26. место со седум бодови.

По вечерашниот натпревар сликата е променета, ПСЖ се проби на местото кое води понатаму, додека Сити „виси“ и го држи 25. место во пресрет на последното коло.

За потсетување, најдобрите осум клубови директно се пласираат во осминафиналето, додека тимовите од 9 до 24 позиција се пласираат во плеј-офот.

По приспивна песна во првиот дел, продолжението на „Паркот на принцовите“ натопен од дожд донесе спектакл. Сити поведе во 50. минута со голот на Грилиш, а само три минути подоцна Халанд го постигна вториот гол.

Сепак, одговорот на ПСЖ беше молскавичен. Дембеле во 56. Минута го намали резултатот, а четири минути подоцна израмни Баркола.

Парижаните во 78. минута на „португалски погон“ го свртеа резултатот.

Витиња нафрли од слободен удар, а Невес со глава ја упати топката во далечната статива за 3:2. Гонкало Рамос стави крај во третата минута од судиското надополнување. Голот беше спорен подолго време, но ВАР утврди дека Гвардиол последен ја допрел топката, па Рамос не бил во офсајд позиција.

Европскиот шампион Реал Мадрид му гостуваше на РБ Салцбург и со рутинска победа од 5:1 обезбеди бодови.

Реал поведе во 23. минута, Винисиус додаде до Белингем кој не ја прими најдобро топката, која стигна до Родриго, кој погоди за 1:0. Бразилецот го постигна вториот гол 11 минути подоцна со брилијантен удар од работ на шеснаесетникот по асистенцијата на Белингем со пета.

Сите сомнежи околу победникот ги реши Килан Мбапе во 48. минута, а Винисиус Јуниор во 55. минута погоди за 4:0 по убавата асистенција на Модриќ. Бразилецот го постигна петтиот гол во 77. минута. Гостите постигнаа утешен гол во 85. минута преку Бидструп.

Динамо Загреб го претрпе третиот пораз, откако Арсенал славеше на својот стадион „Емирати“ со 3:0. Динамо на тој начин остана на осум бода и моментално е на 26. место во поредокот.

Арсенал поведе во втората минута со голот на Деклан Рајс. Арсенал постигна уште два гола во вториот дел, Каи Хаверц во 66. минута и Мартин Одегард во 92. минута.

Ова беше прв официјален натпревар за Италијанецот Фабио Канаваро на тренерската клупа на актуелниот хрватски шампион.

Милан, на „Сан Сиро“ ја совлада Џирона со 1:0, а Феенорд го изненади Баерн Минхен и го победи со 3:0.

Домашните поведоа во 22. минута со голот на Сантијаго Хименез. Во последните моменти од првото полувреме Холанѓаните постигнаа втор гол. Стрелец повторно беше Хименез, овојпат од пенал. Феенорд ја завери победата во 89. минута со голот на Ајасе Уеда.

Интер ја совлада Спарта Прага со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Лаутаро Мартинез во 12. минута на асистенција на Алесандро Бастони.

По шест воведни порази, РБ Лајпциг ја постигна првата победа во седмиот, совладувајќи го Спортинг Лисабон со 2:1 на домашен терен.

Шахтјор како домаќин во Гелзенкирхен го победи Брест со 2:0. Тоа беше втора победа за Шахтјор во Лигата на шампионите, а втор пораз за францускиот тим. Украинскиот шампион ја обезбеди победата во првите 45 минути кога ги постигна двата гола.

Во пресрет на последното коло, првите осум позиции ги држат Ливерпул (21), Барселона (18), Арсенал (16), Интер (16), Атлетико Мадрид (15), Милан (15), Аталанта (14) и Баер Леверкузен (13).

TRT Balkan / агенции
Популарни