Реал Мадрид го совлада Манчестер Сити со 3:2 по пресврт во финишот од натпреварот на стадионот „Етихад“, во вчерашните први натпревар од плеј-офот за Лигата на шампионите.
Во останатите натпревари ПСВ Ајндховен загуби од Јувентус со 2:1 во Торино, Борусија Дортмунд предводена од новиот тренер Нико Ковач го совлада Спортинг со 3:0 во Лисабон, а Пари Сен Жермен го победи Брест со 3:0 на гости.
На „Етихад“ ја гледавме пресметката на последните три европски шампиони, Реал славеше лани и во 2022 година, а Сити во 2023 година. Интересно е што ова е воедно четврта последователна сезона во која Сити и Мадрид се среќаваат во нокаут фазата од Лигата на шампионите.
Лани Реал славеше во четвртфиналето, пред две години Сити во полуфиналето, а во 2022 година Реал беше подобар во полуфиналето.
Гостите подобро го почнаа мечот и неколку пати се заканија во првите 15 минути.
Во 10. минута францускиот судија Клемент Турпен досуди пенал за гостите откако Едерсон го собори Винисиус, но ВАР го спаси Сити бидејќи бразилскиот напаѓач беше минимално во офсајд.
Само една минута подоцна, Винисиус му проигра фантастична топка на Мбапе, кој шутираше во блискиот агол, но Едерсон одбрани.
Првата вистинска шанса Сити ја претвори во гол во 19. минута. Џек Грилиш ја нафрли топката до Гвардиол, кој натрча и со гради му ја спушти топката на Халанд, кој конечно го постигна својот прв гол во петтиот меч против Реал.
Реал можеше да израмни во 26. минута, но Винисиус Жуниор ја погоди гредата. Дефанзивецот на Сити, Мануел Аканџи, исто така ја погоди рамката од голот во 37. минута, како и Халанд во 47. минута.
Реал се закани во 55. минута, но Едерсон брилијантно го одбрани од ударот на Мбапе. Во 61. минута францускиот напаѓач конечно израмни. Себаљос нафрли, а Мбапе лошо ја фати топката, но доволно добро за да го измами домашниот голман.
Сити дојде до ново водство во 80. минута. Дани Себаљос го собори Фоден, а Халанд го постигна својот втор гол на натпреварот од пенал.
„Кралскиот клуб“ во 88. минута уште еднаш се врати во живот, а Брахим Дијаз го постигна израмнувачкиот гол. Едерсон лошо ја шутираше топката, Белингем иницираше акција во која шутираше Винисиус, а одбиената топка од Едерсон Дијаз ја смести во мрежата.
Токму кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, Реал постигна трет гол. По неколку грешни додавања на средината на теренот Винисиус ја „украде“ топката, асистирајќи му на Белингем, кој погоди за шпанското славје.
Јувентус во Торино го совлада ПСВ Ајндховен со 2-1.
Торинскиот тим поведе во 34. минута. Федерико Гати ја освои топката уфрлајќи ја пред голот, која се одби до работ од шеснаесетникот каде натрча Вестон Мекени и постигна одличен гол за водство на домашните.
ПСВ израмни во 56. минута со голот на Иван Перишиќ. Ноа Ланг шутираше од левата страна, неговиот удар го блокираше Локатели, но топката во висок лак се одби до Перишиќ, кој брилијантно ја смири топката, со финта го измами Лојд Кели и со удар во блискиот агол го совлада Микеле ди Грегорио.
Ова беше деби на Перишиќ за ПСВ во Лигата на шампионите, бидејќи немаше право на настап во првиот дел од сезоната. Својот последен гол во ова натпреварување го постигна во ноември 2020 година кога постигна гол како играч на Интер во поразот од Реал Мадрид со 2:3.
„Старата дама“ од Торино се врати во водство во 87. минута. Франциско Консеикао се проби по десната страна и шутираше ниско пред голот, гостинскиот голман Валтер Бенитез кратко одбрани, а Самуел Мбангула постигна гол откако ја погоди одбиената топка.
Борусија Дортмунд го совлада Спортинг со 3:0 во Лисабон и направи голем чекор кон осминафиналето.
Првата шанса на натпреварот домаќините ја имаа во 15. минута, но Максимилијано Араухо ја погоди гредата. Гостите поведоа во 60. минута. Џулијан Брант нафрли од десната страна, Серхоу Гуираси скокна највисоко и со глава го матираше Руи Силва.
Само осум минути подоцна европскиот вицешампион го постигна вториот гол. Овој пат асистент беше Гуираси, кој одлично нафрли од десната страна, а Паскал Грос погоди за 2:0. Победата на гостите ја потврди Карим Адејеми во 82. минута.
ПСЖ го победи Брест со 3:0 на гости и практично обезбеди пласман во наредниот круг од доигрувањето.
Головите ги постигнаа Витиња (21-11м) и Усман Дембеле (45, 66).
Реваншите се играат на 19 февруари.
Вечерва се играат и преостанатите мечеви од плеј-офот:
Клуб Бриж - Аталанта
Феенорд - Милан
Селтик - Баерн Минхен
Монако - Бенфика