Манчестер сити со пресврт во второто полувреме против Бриж се спаси од срам и елиминација и продолжува во разигрувањето на Лигата на шампионите.
„Граѓаните“ имаа негатива после првите 45 минути, но со три гола во вториот дел направија комплетен пресврт и победија со 3:1.
Динамо Загреб забележа голема победа од 2:1 над Милан на домашен терен, но на крајот се покажа дека победата е само пирова, со оглед на тоа дека „модрите“ остануваат најдобри под линијата, односно на 25. позиција на табелата во Лигата на шампионите и се елиминирани.
Кобно за Динамо беше ремито на Спортинг и Болоња, 1:1, па екипата од Лисабон продолжува понатаму, со ист број на бодови како загрепчани, но со подобра гол-разлика.
На крајот се покажа дека историскиот пораз од Баерн Минхен во првото коло, 9:2, беше решавачки за елиминацијата на Динамо.
Ливерпул со пораз од 3:2 на гостувањето кај ПСВ ја заврши групната фаза на првата позиција, но најмногу благодарение на ремито на Барселона на домашен терен против Аталанта, 2:2.
Заради ова реми Аталанта испадна од зоната за директно осминафинале и во ЛШ ќе мора да игра во 1/16-финалето.
Сите четири гола во Шпанија паднаа во второто полувреме, откако еден беше поништен со ВАР во првиот дел. За Барселона погодија Јамал и Араухо, за гостите од Бергамо тоа беа Едерсон и Пашалиќ.
Атлетико Мадрид со победа го потврди директниот пласман во осминафиналето. Избраниците на Симеоне убедливо го совладаа веќе испаднатиот Салцбург како гости во Австрија (4:0).
Арсенал, пак, по пресврт славеше на гостувањето кај Џирона и ја сочува третата позиција на табелата (1:2). Данџума донесе домашна радост, но во финишот од првиот дел Жоржињо и Итан Нванери ја стресоа противничката мрежа и на својот тим му ја обезбедија шестата победа во сезоната во ЛШ.
Екипата на Интер не дозволи никаво изненадување и го совлада Монако со убедливи 3:0 со хет-трик на Лаутаро.
Екипата на Астон Вила по пауза од повеќе од три децении се врати во фудбалската елита и беше едно од најпријатните изненадувања во лигашкиот дел. Премиерлигашот тоа го докажа и вечерва, откако со победата над Селтик од 4:2 се пласираше директно во осминафиналето.
Фудбалерите на ПСЖ го декласираа Штутгарт со 0:4 за заверка на плеј-оф местото во Лигата на шампионите. Неверојатна партија имаше Осман Дембеле, кој постигна хет-трик со два гола во првиот и еден во вториот дел.
Неверојатна партија одигра Лил и го декласира Феенорд во директна битка за место меѓу осумте најдобри со 6:1. Баерн Минхен беше убедлив и сигурен во мечот со Слован Братислава 3:1.
Со идентичен резултат триумфира и Борусија Дортмунд против Шахтјор, а Баер Леверкузен исто така рутински си ја заврши задачата против Спарта Прага и триумфира со 2:0.
И Реал Мадрид демонстрира моќ и славеше над Брест (3:0) за трета победа во низа во елитата и пласман во 1/16-финалето. Двоен стрелец беше Родриго, еднаш погоди Џуд Белингем.
Црвена звездаво Берн го совлада Јанг Бојс со 1:0 со голот на Гелор Канга во 69. минута.
Триумфот на Црвена звезда е историски и за клубот и за српскиот фудбал, бидејќи е прва победа на гостински терен во елитното натпреварување.
На крајот Црвена звезда заврши на 29. место со шест бодови.
Во првата осумка која се вклучува директно во осминафиналето завршија уште и Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен, Лил и Астон вила.
Два натпревари плус ќе имаат за играње гиганти како Реал Мадрид, Манчестер сити, Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Милан, ПСЖ и Јувентус.
Ждрепката за плеј-офот е закажана за в петок.