Манчестер Сити синоќа извојува победа над Реал Мадрид од 4:0 и се пласираше во финалето на елитното европско клупско фудбалско натпреварување УЕФА Лигата на шампиони, каде што ќе игра против тимот на Интер.
Фудбалерите на Манчестер Сити и Реал Мадрид синоќа на стадионот „Етихад“ ја одиграа реванш средбата од Лигата на шампиони откако првиот натпревар во Мадрид минатата недела заврши без победник, 1:1.
Сити подобро го започна натпреварот и веќе во 23. минута поведе со 1:0 со голот на Бернардо Силва по асистенцијата на Кевин де Брујне. Истиот играч во 37. минута беше присебен и одбиената топка од Тибо Куртоа ја смести во мрежата на Реал за водство од 2:0. Реал имаше свои шанси, а најдобра беше на Тони Крос, кој ја погоди пречката, но не успеа да го совлада Едерсон, голманот на Сити. Со овој резултат се замина на полувреме.
Реал Мадрид малку се созеде на почетокот на второто полувреме, но Сити беше екипата што постигнуваше погодоци. Во 76. минута Сити поведе со 3:0 со автоголот на Едер Милитао, а конечните 4:0 ги постави Хулијан Алварез во судиското продолжение 90+1 по асистенцијата на Фил Фоден. Интересен е фактот дека Алварез влезе на теренот само две минути претходно, заменувајќи го Ерлинг Халанд, кој на двата натпревара против Реал Мадрид не успеа да ја затресе мрежата на Куртоа.
Манчестер Сити во финалето ќе игра против Интер кој во вториот полуфинален дуел со 2:0 и 1:0 го совлада градскиот соперник Милан.
Финалето на УЕФА Лигата на шампиони ќе се игра на олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул на 10 јуни.