Предраг Мијатовиќ (55) е нов член на управата на српски Партизан, соопштено е по седницата на Собранието на белградскиот клуб.
Легендарниот црногорски напаѓач, поранешен ас, а подоцна и спортски директор на Реал Мадрид, по 31 година се враќа во клубот кој го лансираше меѓу ѕвездите.
Влегувањето на Мијатовиќ во раководството на клубот го најави новиот претседател Расим Љајиќ.
Поточно, тој е избран за лидер на работната група задолжена за промени во ФК Партизан.
На собранието од должност беа разрешени претседателот Милорад Вучелиќ, извршниот директор Милош Вазура и членовите на Управниот одбор и сите членови на Собранието.
„Покрај мене како претседател ќе бидат Предраг Мијатовиќ, Данко Лазовиќ, како и бизнисмените Милка Форчан, Воислав Лазаревиќ, Бобан Стојановиќ и Драган Миловановиќ“,најави Љајиќ.
Мијатовиќ треба да и се обрати на јавноста во вторник, на прес-конференција на која ќе биде присутен и поранешниот српски репрезентативец Лазовиќ.
Љајиќ откри дека Партизан го чека голема реконструкција, а таму клучна улога ќе има Мијатовиќ.
„Имаме играчи кои се бескорисни. Мора да ги намалиме грешките во трансферот, имавме 30 играчи во два преодни рока. Дури ни Манчестер Сити не може да го поднесе тоа“, изјави тој.
Љајиќ откри дека морал долго да ја убедува Мијатовиќ да го прифати предизвикот.
„Лесно го убедив Данко, но Мијатовиќ многу тешко. Многу размислуваше и на крај рече: „Партизане, сега е моментот“.
Мијатовиќ ги бранеше боите на Партизан од 1989 до 1993 година, одигра повеќе од 100 натпревари и постигна 44 гола.
Во Партизан од неодамна се врати уште една клупска легенда, Саво Милошевиќ, кој ја презеде тренерската функција по катастрофалниот старт на клубот во новата сезона.