Иако не играл во НБА, од Мостар потекнува легендата на југословенската кошарка, Дражен Далипагиќ, кој е член на Кошаркарската куќа на славните / Photo: ТРТ Балкан

Зоран Планиниќ, Бојан Богдановиќ, Мирза Телетовиќ и Ивица Зубац се четворицата кошаркари родени во Мостар, кој според анализата на порталот „Плејофвалјус“ (Playofvalues), е вицешампион меѓу градовите во светот кој „произвел“ најмногу НБА играчи на 100.000 жители, или 3,5 во просек.

Независно од анализата на порталот, вреди да се спомне дека од Мостар потекнува еден од легендарните кошаркари на поранешна Југославија, Дражен Далипагиќ, кој е член на Кошаркарската куќа на славните („Спомен-куќата на славните на Најсмит“).

На листата од десет „најкошаркарски градови“ на високото осмо место е Сплит, Хрватска од каде седум кошаркари играле во најсилната кошаркарска лига во светот. Во градот со популација од 346.000 жители, Сплит дава 2,02 играчи на 100.000 жители.

Во анализата на Плејофвалјус хрватскиот град е на петтата позиција, но погрешен е податокот дека градот под Марјан дал осум кошаркари- Тони Кукоч, Дино Раџа, Жан Табак, Бруно Шундов, Роко Укиќ, Дује Дукан, Анте Жижиќ и Марио Касун, бидејќи последниот е роден во Винковци.

Во Топ 10 има уште еден европски град, Каунас во Литванија, од каде исто така осум кошаркари настапувале или настапуваат во НБА лигата.

Каунас со 280.000 жители дал осум НБА играчи и е на седмата позиција со просек од 2.08 кошаркари на 100.000 жители. Меѓу нив се и двајцата членови на Куќата на славните, Шарунас Марчуљонис и Арвидас Сабонис.

Очекувано, на остатокот од листата се градови од САД, а апсолутен шампион е градот Сагинау, Мичиген со 7,6 кошаркари на 100.000 жители.

Од гратчето со популација од 119.000 потекнале деветмина НБА играчи, меѓу кои повеќекратниот шампион и Ал стар од Голден Стејт Вориорс, Дрејмонд Грин.

Најмногу кошаркари во НБА од Њујорк

Од порталот потенцираат дека уште шест градови на листата од седумдесетина градови со најмногу НБА играчи на 100.000 жители заслужуваат да се споменат, меѓу кои секако е Њујорк.

Њујорк според листата е на 17 место, но е град кој дал најмногу НБА играчи-дури 257, од кои најголемите кошаркари на сите времиња како Мајкл Џордан и Карим Абдул-Џабар.

На 35. место е Љубљана, Словенија, родниот град на Лука Дончиќ. Со петмина играчи во НБА, овој град со популација од нешто повеќе од 500.000 жители е дефинитивно важен град во европската кошарка. Љубљана произведува 0,909 играчи на 100.000 илјади жители.

Лос Анџелес на 37. позиција е еден од само четирите градови кои имаат произведено повеќе од 100 играчи во НБА, меѓу кои Кави Ленард, Џејмс Харден и Клеј Томпсон.

Легендарниот центар на Њујорк Никс, Патрик Јуинг потекнува од Кингстон, Јамајка, кој е на 40. место на листата и град кој дал пет играчи во најсилната лига.

Белград, Србија е најкошаркарскиот град во Европа, кој „произведе“ 11 НБА играчи и е на 50. позиција. Богдан Богдановиќ е на врвот на белградската листа на најдобри кошаркари.

Мелбурн, Австралија на 62. место на табелата има импресивно резиме од 14 играчи во НБА лигата, предводени од Кајри Ирвинг.

TRT Balkan
Популарни