Вкупно пет медали од кои три златни, еден сребрен и еден бронзен имаат освоено репрезентациите на државите од Балканот на досегашните светски кошаркарски првенства / Photo: Getty Images

Вкупно пет медали од кои три златни, еден сребрен и еден бронзен имаат освоено репрезентациите на државите од Балканот на досегашните светски кошаркарски првенства.

Најуспешна е Србија со три медали, а по еден имаат освоено Хрватска и Грција. На СП кое е во тек и се одржжува во Јапонија, Филипини и Индонезија најдобар пласман од балканските селекции остварија Србија и Словенија.

Во продолжение накусо за досегашните учества и успеси на кошаркарските репрезентации од регионот.

Две злата за српските кошаркари

Србија има седум учества на светски кошаркарски првенства од 1998 до 2023 година. На двете први светски првенства во 1998 и 2002 година учествуваше како дел од Сојузна Република Југославија заедно со кошаркарите од Црна Гора. Токму на овие првенства српските кошаркари како дел од СРЈ ги постигнаа најголемите успеси односно освоија златни медали.

Во финалето во 1998 ја победија Русија со 62:60, а во 2002 година Сојузна Република Југославија беше подобра од Аргентина со 84:77.

Во 2014 година Србија освои сребрен медал на светското првенство во Шпанија. Загуби во финалето од САД со 129:99.

Грција со сребро од СП во Јапонија

Репрезентацијата на Грција има богата историја на настапи на големите натпреварувања. Што се однесува до светските првенства грчките кошаркари учествувале осум пати. Најголемиот успех го остварија во 2006 година кога освоија сребрен медал. Во финалето загубија од САД со 101:95.

Хрватска има бронза од 1994

Репрезентацијата на Хрватска најголемиот успех го оствари во 1994 година. Тогаш хрватите освоија бронзен медал на светското првенство во Канада. Во борбата за третото место Хрватска ја совлада Грција со 73:68.

Хрватска има уште две учества на светските првенства. Во 2010 се пласира на четиринаесеттото, а во 2014 на десеттото место.

Четврти настап за Словенија

Словенечката кошаркарска репрезентација го има четвртиот настап на светските првенства. Учествуваше и во 2006 година кога беше на дванаесетото место, во 2010 година кога се пласира на осмото место, а во 2014 година беше седмопласирана.

Црна Гора втор пат на СП

Репрезентативците на Црна гора го завршија учеството на тековното светско првенство на 11 позиција со вкупно три победи и два порази. Ако се изземат настапите за Сојузна Република Југославија и Србија и Црна Гора ова беше второ учество на светските првенства за црногорската кошаркарска репрезентација по она во 2019 година кога се пласира на 25 место.

Четири репрезентации без учество на СП

Репрезентациите на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово немаат учества на светски првенства. Најголемите успеси на овие селекции се од европските првенства.

Бугарија во елитата пред повеќе од шест децении

Бугарија има еден настап на Мундобаскетот. Но не во последните три декади. Тоа се случило во далечната 1959 година. Шампионатот се одржал во Чиле, а бугарите биле седмопласирани.

Популарни